Силниот јужен ветар, кој на моменти достигнува брзина од околу 100 километри на час, предизвика проблеми во охридско. На улицата „Никола Карев“, кај маркетот „Тинекс“ паднат е лимен покрив. За среќа никој не е повреден.
Во Пештани скршено дрво предизвикало застој во сообраќајот на патниот правец Охрид – Св. Наум, а има и прекин во снабдувањето со електрична енергија.
Паднати гранки од дрвја има и во центарот на Охрид, како и на повеќе локации во градот.
На улицата „Даме Груев“ дрво падна врз паркирани автомобили, при што е причинета материјална штета.
Југот го разбранува Охридското Езеро, кое поради поволната хидролошка состојба е на ниво над природниот максимум. Силните брановите го заплискуваат градскиот кеј, кој вообичаено на вакво време е под вода.
Македонија денеска е под влијание на циклонот Хектор кој е проследен со ветрови кои дуваат со брзина од 80 – 100 километри на час, како и пороен дожд и грмотевици, кои се очекуваат да бидат поинтензивни во попадневните часови и во текот на ноќта.
Г.М.





















