На пригоден начин денес во големата сала на Општина Охрид им беа врачени уверенијата на новоизбраните советници на Општина Охрид од страна на претседателката на Општинската изборна комисија Антигона Сионов.

По врачувањето на мандатите следуваше конститутивна седница на новиот состав на Советот на Општина на која беа верификувани мандатите на членовите на Советот и избран претседател на Советот. Предложен и изгласан со мнозинство гласови беше Перчо Божиновски која ја извршуваше оваа функција и во претходниот советнички состав.

Божиновски изрази благодарност за довербата посочувајќи дека кога се работи со визија, со срце и со чесност, народот препознава и враќа со доверба.

Продолжуваме таму каде што застанавме со уште посилен фокус и уште поголема решителност. Ветувам дека има да бидеме Совет што ќе стои заедно со и до градоначалникот и има да ја носи одговорноста за секој чекор. Како што бевме, така има и да бидеме отворени за сите и бескомпромисни кога се во прашање интересите на Охрид и Охриѓани. Има да бидам претседател кој обединува, не да дели. Совет кој работи за граѓаните, а не за дневна политика. Денес го обновуваме заветот дека ќе служиме честно, отчетно и со целосна посветеност, со љубов кон нашиот град, со почит кон нашата историја и со храброст за иднината, да продолжиме да го градиме Охрид како модерен, просперитетен и достоинствен град кој има да биде гордост за сите. Нашата работа има да биде токму во храмот на народот, меѓу граѓаните, за да го чуваме наследството, да го почитуваме нашиот идентитет и да ја отвориме вратата за подобро утре. Пред нас е време на работа и на успеси. Има да останеме пример дека кога има единство и визија, Охрид победува, додаде Божиновски.

Пред новоизбраните советници се обрати и градоначалникот Кирил Пецаков. Посочи дека следат четири години ќе се гласаат четири нови буџети на општина Охрид коишто од финансиски аспект ќе биде незапамтени до сега во историјата и во коишто ќе се реализираат многу нови проекти кои суштински и стратешки ќе го променат Охрид.

Таму каде што застанавме ќе продолжиме. Се нафативме да решаваме во изминатите четири години проекти за коишто народот разговараше и ги бараше буквално од осамостојувањето на Македонија и овие четири години ќе продолжат во тој стил. Секако, посветени на граѓаните. Сите оние работи коишто ќе произлезат од барањата на граѓаните ќе бидат и возможно е да станат дел од програмата на Советот, односно од буџетот којшто ќе го гласаме на крајот на секоја нова година. Отворен сум за предлози и со задоволство би го прифатил се тоа што би можело да го подобри животот на граѓаните во Охрид, рече Пецаков.

Потенцираше дека изминатите четири години беа историски на Советот, односно на советниците, затоа што беше период на финансиска консолидација на општината Охрид.

Меѓутоа уште побитно, Советот треба да е горд во изминатите четири години, а така ќе е и овие четири години, затоа што ако земеме просечно во изминатите дванаесет години без изминатите четири, зборувам за пред тоа, многу ретка била реализацијата на буџетот над 80%, а законот е јасен треба да биде 95%. Ние без исклучок, секоја година имавме реализација на буџет над 95%. И со тоа Советот во изминатите четири години беше горд, нормално и јас како градоначалник, затоа што заедно со сите оние сектори со коишто го менаџираме градот Охрид, наша работа е да работиме транспарентно и успешно, односно реализацијата да биде онака каква што е. Тоа значи дека не сме ги предимензионирале буџетите, како што во минатото се препишуваа едни од други во смисла од една година во друга година, туку реално врз основа на парите и средствата со коишто сме располагале сме имале реализација секогаш над деведесет и пет проценти, истакна Пецаков посакувајќи им на новите советници  плодна и активна работа во насока на подобрување на животот на граѓаните.

Инаку, на одржаните локални избори Коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ освои 13 мандати во Советот на Охрид кој брои 23 членови. СДСМ и Коалицијата освои 5 мандати, ЗНАМ 2, Левица 1, Демократската партија на Турците 1 и ГИ Р. Хода 1.

Фото галерија:

Врачени уверенијата на новоизбраните советници на Општина Охрид

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска