Промоција на здрави животни навики, спортот, грижата за оралното здравје, но и многу забава и бројни награди приреди денешната 19-та по ред традиционална хуманитарна и спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“ во организација на Црвениот крст Охрид и Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“.

Годинава симболично, на 19-ти септември се одржува манифестацијата по 19-пат. Секоја година Црвен крст Охрид во организација во партнерство со Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ ја организираме манифестацијата на која учеството е со купување учеснички број кој чини само 50 денари. Со него дечињата можат да учествуваат на многу спортски игри водени од нашите волонтери по кејот Македонија, пред градската библиотека и на плоштадот. Можат да се забавуваат на некои од реквизитите што се донесени тука, да слушаат музика, да ги погледнат дечињата од фестивалот „Разиграно рибарче“. ​А исто така, со тој учеснички купон, тие стануваат потенцијални добитници на награди од Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“, но и на награди коишто ќе бидат извлекувани во втората половина на октомври, изјави Весна Терзиоска, претседател на Црвен крст Охрид.

Посочи, дека Стоматолошки центар „Баткоски“ е присутен со корисни совети за здрави животни навики, а Црвен крст Охрид го промовира спортот и спортските игри во насока на поттикнување на спортскиот дух и здрави животни стилови кај младите во Охрид, но и хуманоста, солидарноста и помагањето онаму каде што е најпотребно.

Средствата коишто ќе се соберат од продажба на овие учеснички броеви ќе бидат наменети за социјално загрозени семејства, за дечињата да имаат посреќно детство. Дел од средствата собрани од продажба ќе бидат наменети за нашиот Петар на којшто му е потребна финансиска помош, потенцираше Терзиоска.

19 години по ред Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ ја поддржува манифестацијата „За посреќно детство“ заедно како главни партнери на Црвен крст Охрид.

Секоја година правиме различни настани со цел најмалите да имаат еден убав, пријатен ден и сите ќе се чувствуваме многу пријатно, ќе се забавуваме, ќе другаруваме, ќе играме… Имаме некои мали и големи награди и за најдобрите поединци секогаш излегуваме во пресрет. Заедно со Виа Фарм аптеките секоја година на сите учесници, на сите деца, покрај другите награди задолжително им делиме четки за заби од Курапрокс, а имаме и други поклони што се наменети за грижа за оралното здравје. Сакам да најавам дека следната година која ни е јубилејна, 20-та, ќе организираме нешто многу, многу, многу поголемо и поубаво, изјави сопственикот на Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“, Д-р Небојша Баткоски.

Во организација и реализација на денешните активности беа активно вклучени и младите волонтери на Црвениот крст во Охрид.

Улогата на волонтерите денес е да бидеме тие што ќе создадат насмевка, добра атмосфера и убаво искуство за секое дете. Волонтерството не значи само да помогнеш, туку да дадеш дел од себе и дел од своето време и енергија за да помогнеш на некој друг. Нашата порака денес е баш едноставна: секој од нас може да направи нешто мало што за едно дете може да значи многу, да бидеме причината за нечија среќна детска насмевка, истакна Иво Георгиески, волонтер во Црвен крст Охрид.

Акцијата започна со ревијална трка од пред хотелот „Палас“ до Центарот за култура, а продолжи со спортски активности и забавни содржини кои се одржуваа на и околу градскиот плоштад.

Фото галерија:

 Хуманитарна и спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска