Јавните телeфонски говорници кои во минатото беа единствената можност за комуникација за туристите и за гостите кои престојуваа во Охрид, сега се потполно неупотребливи и претставуваат грда слика за местата каде што сеуште стојат.
Во особено лоша состојба се неколкуте вакви телефонски апарти кои се поставени непосредно до Центарот за култура ,,Григор Прличев”, но својата функција веќе подолго време не ја извршуваат ниту телефонските кабини кои се поставени пред Поштата. Слична е состојбата и со поеднинечните говорници кои стојат на уште неколку локации низ Охрид.
Граѓаните коментираат дека крајно време е телефонските говорници да заминат во историјата.
-Ниту ние ниту туриститe не ги користиме, единствено корисни се за локалните хулигани, кои ја трошат својата енергија врз нив. Не знаеме дали некаде сеуште се продаваат ваучер картички за овие говорници, но и да се продаваат нема каде да се искористат, затоа што ниту една говорница не работи. Речиси сите луѓе денес поседуваат мобилни телефони, а и оние кои не ги поседуваат често ги користат интернет говорниците кои ги има во интернет кафетериите низ градот, каде што повиците кон странство се многу евтини, велат охриѓани.
Тие бараат од надлежните во најкоро време да ги отстранат говорниците, кои според нив го нарушуваат имиџот на градот.