Голем број љубители на фотографијата, гости и љубопитни граѓани, присуствуваа на отворањето на првата изложба на фотографии објавени на фејсбук страната „Охрид слики од минатото“, што се одржа синоќа во Куќата на Уранија. 

Оваа исклучително популарна фејсбук група во 2010 година ја креираше Никола Зафировски. Денес таа брои 5500 членови, кои објавиле околу 2000 фотографии од минатото на Охрид.

– Кога ја основав групата ме изненади интересот што го пробуди кај граѓаните. Не сите имаат пристап до интернет, особено повозрасните, но ние помладите поставуваме тука фотографии од минатото на градот, кои не потсетуваат на вредностите кои Охрид ги имал во различни периоди.-изјави основачот на фејсбук групата „Охрид слики од минатото“ Никола Зафировски.


Никола Зафировски

Најстарите фотографии од Охрид потекнуваат од 1863 година. Нив ги направила австриска научна експедиција, предводена од Јозеф Секељ.

-Тогаш фотографијата била мошне ретка. Колку што ми е познато таа експедиција на Виенската академија на науките и уметностите во 1863 година во Охрид траела 10 дена и биле направени само 11 фотографии од градот и околината кои биле поставени на светската изложба во Париз во 1867 година, на која фотографот Јозеф Секељ добил бронзен медал.-раскажува публицистот Владо Жура.


Владо Жура

Фотографиите од минатото на Охрид им помагаат на стручњаците од Заводот и Музеј при реконструкција и заштита на културното наследство во градот. Таков е случајот со црквата Св. Богородица Перивлепта.

-Многу стари фотографии објавени на фејсбук групата користев во реализација на проектот за заштита на овој сакрален објект. -вели Горан Патчев, вработен во охридскиот завод и Музеј и активен член на фејсбук групата „Охрид слики од минатото“.


Горан Патчев

На изложбата што се одржа во рамки на свеченостите по повод одбележувањето на патрониот празник на Охрид Св. Климент Охридски, беа изложени 40-на фотографии објавени на фејсбук страната „Охрид слики од минатото“. Членовите на групата најавуваат дека ќе продолжат со својата активност и во иднина. Тие ги повикуваат сите кои имаат стари фотографии од градот да ги скенираат и да ги објават на фејсбук страната „Охрид слики од минатото“, посочувајќи дека тоа вредно културно наследство ќе остане на идните генерации.

Фото Галерија:


Фотографиите ги вратија охриѓани во минатото

Г.М.