Француската полиција остана будна цела ноќ, иако поголем дел од демонстрантите во Париз се разотидоа. Сепак, дел од нив останаа на улиците на престолнината. Утрово во Париз се расчистуваат последиците од масовниот протест, пренесуваат француските медиуми.

Четвртиот протестен викенд претседателот Емануел Макрон го следи од Елисејаската палата, но не се огласува, додека премиерот Едуар Филип повика на обнова на националното единство преку дијалог.

„Жолтите елеци“ не се откажуваат од десетината барања упатени до владата на Макрон. Вчера маршираа низ земјата 125 илјади луѓе, од кои 10 илјади во Париз. Меѓу нив, хулигани палеа автомобили, кршеа излози, ограбуваа продавници.

Полицијата употреби солзавец, водени топови, па и оклопни возила за да ги сузбие нередите, кои сепак беа со далеку помал обем од минатиот викенд, кога престолнината доживеа најголеми насилства од студентските протести во 1968 година.

Во вчерашните протести беа повредени 140 луѓе, а уапсени речиси 1000.