Со богата и несекојдневна програма, годинава ќе се одбележи патрониот празник на ОУ „Христо Узунов“.

На 23- ти април, во Центарот за култура „Григор Прличев“ учениците- членови на литературната секција, секцијата по француски јазик и членовите на училишниот хор и оркестар ќе изведат бројни музички точки и рецитали придружени со музика од познати филмови и оперски арии. 


Секојдневно, во Центарот за култура, под будното око на професорките по македонски јазик и литература, Билјана Чингоска и по француски јазик, Билјана Трајкоска и учителката Ирена Наумоска, учениците интензивно се подготвуваат за претставата со која се надеваат дека ќе ги воодушеват своите врсници и бројните гости кои ќе присуствуваат на одбележувањето на патрониот празник на училиштето.


Темата на претставата е „Животот е убав“, инспирирана од истоимениот филм на Роберто Бењини. Составена е од два дела. Во првиот дел ќе се обработуваат четири поттеми  во кои се претставува лицето на животот, односно мрачната страна на животот, реалноста која ја живееме со сите грешки и аномалии, понатаму како човекот се бара себеси, потоа излезот од реалното во иреално и мистично и како четвртта поттема ќе се обработува убавината на животот и изборот кој младите можат да го направат, објаснува професор Билјана Чингоска.


Во првиот дел ќе се изведуваат рецитали кои ќе бидат пропратени со звуците од неколку познати филмови и опери, меѓу кои и филмот „Шиндлерова листа“ и сценската кантата „Кармина Бурана“.

Во вториот дел ќе се слави животот и ќе бидат изведени точки на француски јазик со музика од познати француски мелодии.

Во изведбата ќе земат учество и најмладите ученици кои ќе изведат една точка.

Т. К.