Не се точни изјавите дека новиот Закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти не дозволува легализација на дивоградби во заштитените зони на Охридскиот Регион, велат од невладината „Фронт 21/42“, која упати остри критики кон владата и пратениците од Собранието и од власта и од опозицијата за изгласувањето на посочениот закон, кој претседателот на државата Пендаровски одби да го потпише.

Законот става ограничување во однос на објектите за кои ќе има негативна оценка во проценката на нивното влијание врз исклучителните универзални вредности на светското наследство – проценки кои не се спроведуваат, така што ниту еден објект нема, ниту ќе има во догледно време негативна оценка. Истовремено, вториот закон за дивоградби (продолжениот стар закон) нема никаква одредба за Охридскиот Регион, со што е обезбедена легализација на дивоградбите дури и ако еден ден навистина почнат да се спроведуваат овие проценки. Поаѓајќи од сето ова, нашиот став е дека повлекување на двата закони од собраниска процедура е единствениот пат до (базична) правна држава. – се вели во реакцијата на „Фронт 21/42“.

Согласност од надлежен орган за легализација на дивоградби во заштитени подрачја е детска играчка во однос на сите закони и Уставот, кои и Владата и сите парламентарци, со чест на 5 исклучоци,  ни покажаа дека без проблем можат да ги прекршат, децидни се од невладината организација.

Како еклатантен пример „Фронт 21/42“ ги посочува изворите во комплексот Св. Наум во Охрид, кои се наоѓаат во строго заштитената зона на Националниот парк „Галичица“, каде според Законот за заштита на природата се дозволени само научно – истражувачки дејности, и тоа по претходно добиена посебна дозвола, без пречки работи ресторан, за што дозвола издале сите надлежни институции, а истата е одобрена со одлука на Владата во 2019 година.

Добра вест е дека Претседателот Пендаровски не го потпиша Указот за Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, но она што не загрижува е понатамошниот пат на овој закон. Истиот се враќа во Собранието, кое има 30 дена повторно да го разгледа и гласа. Доколку се изгласа и по втор пат, Претседателот нема друга опција освен да го потпише Указот. Сплотеноста на власта и опозицијата во однос на легализацијата на кривичното дело „бесправно градење“ не ни влева надеж за правна држава. – велат од  „Фронт 21/42“.

Оттаму апелираат да се повлечат од собраниска процедура и двата закони за постапување со бесправно изградени објекти.

OhridNews