Челниците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ мораат во следните десет дена да се повлечат и да овозможат организирање вонреден партиски конгрес на кој би се избрало ново раководство, коешто ќе биде составено од „чесни и искрени вмровци верни на идеологијата“, се наведува во соопштението на Форумот на слободоумни партиоти (ФСП), пренесува „Макфакс“.
Членовите на Форумот, кој се декларираат како дамнешни членови на ВМРО-ДПМНЕ, наведуваат уште дека доколку и натаму челниците на партијата „се кријат и бегаат од одговорност“ тие ќе започнат со собирање потписи за да го организираат членството за одржување вонреден партиски конгрес и избор на ново раководство.
„Форумот на слободоумни партиоти констатира дека одложувањето на предвремените парламентарни избори е уште еден во низата порази на корумпираната врхушка која го има узурпирано ВМРО ДПМНЕ. По овој пораз веќе немаат кредибилитет и легитимитет да водат куќен совет, а не партија или држава“, се наведува во соопштението на Форумот на слободоумни патриоти.
Притоа порачуваат дека нема да дозволат „никој да се крие зад четирите свети букви и да продолжи да манипулира и да го злоупотребува членството, како и да ја става партијата заложник на аболицирани криминалци“, и истовремено го повикуваат актуелното раководство да ја преземе одговорноста.
OhridNews
извор:„Макфакс“