Со свеченост што се одржа денеска во просториите на Факлултетот за туризам и угостителство во Охрид, оваа високообразовна институција го одбележа јубилејот – 45 години постоење.

Во четири и пол децениското работење на ФТУ Охрид дипломирале повеќе од 6000 студенти на сите студиски програми.

-Наши студенти како кадар има во Владата на РМ, низ институциите, во Царинската управа, агенцијата за супервизија и осигурување, во сите осигурителни компании, во голем број шпедиции, а некој од дипломираните студенти тука имаат и сопствени шпедиции, во хотели низ целата држава и.т.н., – истакна деканот на ФТУ Охрид проф. д-р Цветко Андрески.

Факултетот за туризам и угостителство во Охрид е најстарата високообразовна институција во земјава и една од најстарите во регионот која продуцира кадри од областа на туризмот и угостителството. Ги има сите три циклуси на студии, прв, втор и трет, како и голем број на познати и признати истражувачи.

-Ние и понатаму ќе работиме на подобрување на стандардите и повисок квалитет, се разбира посветено и заедно со студентите. Во моментов имаме шест студиски програми кои сакаме да ги развиваме. Веројатно во наредните неколку години ќе отвориме уште една студиска програма во трет циклус на студии на што веќе се работи.– додаде деканот Андреески.

Професор д-р Науме Мариноски, кој 30 години е дел од Факлултетот за туризам и угостителство во Охрид, вели дека оваа високообразовна институција е една од врвните не само во Македонија туку и во овој дел од Европа.

Во нашето растење имавме периоди кога динамиката беше интензивна, понекогаш бавна, но во генерални рамки станува збор за еден забележителен континуитет во напредувањето. Јас како дел од таа институција се трудев да помогнам колку што моите можности тоа го дозволуваа и можам да се пофалам дека само под мое менторство имаме четири професори кои предаваат на ФТУ Охрид, а да не зборувам и за другите колеги кои со помал стаж и помало искуство успеаа да ја изградат оваа институција на ниво кое може да служи за пример во широки рами. – истакна професорот Мариноски.

Во знак на благодарност ФТУ Охрид на професорите Науме Мариноски, Деса Косаркоска и Лидија Симонческа им врачи пригорни подароци. Исто така подароци им беа врачени и на повеќе образовни и други институции со кои факултетот има долгогодишна успешна соработка.

Свеченоста беше збогатена со пригодна уметничка програма за која се погрижија Емилија Маринова, Горан Папаз и „Лабино саунд“. Просторот во холот на ФТУ Охрид специјално за оваа пригода го декорираше „Импакт груп“, а студентите од гастрономската насока под менторство на професорката Ангела Крстаноска Василеска подготвија извонредни кулинарски специјалитети.

Г. Момироски