Факултетот за туризам и угостителство – Охрид бара од градскиот Совет да биде повлечена од дневен ред точката за усвојување на предлог одлуката за утврдување на Нацрт  Деталниот урбанистички план со кој е опфатена  локацијата на високо-образовната установа, за што советниците треба да расправаат на 29-та седница која ќе се одржи во среда.
Барањето е испратено до претседателот на Советот, Душко Јаковчески, заедно со ставот на ФТУ во врска со предлогот на локалната самоуправа за пренамена на просторот каде се наоѓа институцијата, од образование и наука во локација за хотелиерство и угостителство.

Според предлагачот најавените урбанистички измени се во согласност со ГУП врз основа на кој локалната самоуправа бара на просторот каде што е лоциран факултетот да се предвиди изградба на универзитетско-хотелски комплекс во кој ќе егзистира постојниот Факултет за туризам и угостителство, а се во функција на поврзување на науката со праксата.

Таков спој во светската образовна пракса не постои и е во спротивност со законот велат од ФТУ. Оттаму посочуваат дека факултетот веќе има сопствен простор за практична настава, како и договори за обавување пракса со речиси сите хотели на охридската ривиера, но и во странство, и дека целта на предложените урбанистички измени всушност е дислокација на институција за да се изградат објекти кои не се од јавен интерес.

– ДУП е егзактен. На нашата локација стои намена хотелиерство и угостителство. Универзитетот како правно лице не врши дејност туризам и угостителество, туку образование и наука и со самото тоа веќе таа локација не може да биде наменета за објекти поврзани со образованието и наука. Затоа оваа одлука не треба да се става во позитивен контекст, напротив, вистината е јасна дислокација на факултетот, односно пренамена на просторот од образование и наука, што е од јавен интерес, во хотелиерство и угостителство кое што не сум сигурен дека е од јавен интерес, изјави деканот на ФТУ Охрид, проф. Д-р Сашо Коруноски.

Предлогот Нацрт ДУП кој ја опфаќа локацијата на ФТУ Охрид, денеска ќе биде разгледан од  Комисијата за урбанизам на Советот.

OhridNews