Било каква надворешна проверка на знаењето на студентите не смее да го спречува нивното дипломирање. Ова е ставот на Факултатетот за туризам и угостителство од Охрид, кој бил изграден на седница на научно наставниот совет на факултетот, одржана деновиве, на која се дискутирало околу предлогот за воведување екстерно тестирање во високото образование.

– Генерално сметаме дека било какво тестирање на студентите треба да биде после завршување на високото образование, а тоа да не го спречува нивното дипломирање. – изјави деканот на ФТУ Охрид проф. д-р Сашо Коруноски.


Проф д-р Сашо Коруноски

Тој истакна дека целосниот став на научно наставниот совет на ФТУ Охрид изготвен на три страници факултетот го доставил до Универзитетот „Св. Климент Охридски“. Во него биле наведени сите позитивни и негативни забелешки на Факултетот за туризам и угостителство.

Дел од забелешките, како што дознаваме, се однесуваат на начинот на кој евентуално би се спровело надворешно тестирање на студентите. Тоа според наставниот кадар на ФТУ Охрид не може да се прави со тестирање од само неколку прашања. ФТУ Охрид е на мислење дека евентуалното тестирање на студентите после диопломирањето треба да биде во форма на државен испит, или во функција на добивање лиценца за работа, односно вршење дејност, што како пракса се применува во одредени научни области.

Предлогот на владата за воведување екстерното тестирање во високото образование предизвика лавина реакции во јавноста. Дел од високо образовните институции изнесоа сериозни забелешки на предлогот, а дел категорично го отфрлија. Против воведување на екстерно тестирање се изјаснија и студентите кои на два пати организираа масовни протести во главниот град.

Наспроти ова, ресорното министерство останува на мислење дека се неопходни реформи во високото образование кои вклучуваат и воведување екстерно тестирање, најавувајќи дека сите забелешки кои ќе бидат изнесени во текот на јавната расправа ќе бидат земени предвид при донесување на конечното законско решение.

Г.М.