
Конференцијата што ќе се одржи на 23 мај, ќе ја отвори раководителот на секторот за меѓународни односи при Германската сојузна фондација животна средина д-р Улрих Вите.
Факултетот за туризам и угостителство во Охрид и германскиот Универзитет за применети науки „Еберсвалде“ од октомври 2011 соработуваат на „Германско-македонската тренинг програма и мрежа за одржлив туризам”. Овој прв заеднички проект финансиски е поддржан од Германската сојузна фондација за животна средина. Првата тренинг обука започна вчера во Охрид и ќе трае до 24-ти мај.
На конференцијата закажана за 23-ти мај туристички проекти ќе претстават меѓу другото преставници од Германското здружение за интернационална соработка, од Германската амбасада во Скопје и од Локалната агенција за развој Струга.
На тренинг обуките учество ќе земат професори од ФТУ како и други актери во нашиот туризам од државни институции но и од приватниот сектор во Македонија. Релевантните туристички теми ќе ги презентираат професори од мастер студиската програма „Менаџмент за одржлив туризам” на германскиот партнер универзитет.
Целта на проектот е креирање на германско-македонска мрежа. Во тој контекст наредната тренинг сесија на проектот ќе се одржи на крајот на август оваа година во Берлин и Бранденбург. Тогаш ќе биде организирана и втората Германско-македонска конференција за одржлив туризам на Универзитетот за одржлив развој Еберсвалде во Германија.
Во рамки на оваа двегодишна германско-македонска соработка треба да се обучат најмалку 10 промотори за одржлив туризам кои стекнатото знаење ќе можат да го пренесат теоретски во студиските програми и наставата на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид односно практично при своето туристичкото делување во Македонија.











