Во Факултетот за туризам и угостителство деновиве се одржува вториот дел од тренинг семинарот посветен на развој на врските помеѓу образовните институции од областа на туризмот и туристичката индустрија.

– Една од најважните компоненти во процесот на едукација на туристичките менаџери е да се зголеми практичната обука, како и примената на искуствата во реалниот сектор, со цел идните менаџери да бидат подготвени и обучени да донесат соодветни одлуки во работењето, истакна проф. д-р Елизабет Инесон од Универзитетот„ Metropolitan “ во Манчестер – Англија.



Семинарот се одржува под покровителство на фондацијата „ La Fondation pour formation hoteliere“ со седиште во Женева, Швајцарија, Manchester Metropolitan University и Nestle Macedonia, а во организација на ФТУ Охрид.


Учесници се образовниот кадар, студентите на ФТУ Охрид, како и туристичките менаџери кои работат во реалниот сектор. Идејата е  преку посебни вежби кои содржат меѓународни искуства од туристичкиот бизнис да се пренесе искуството за решавање на проблемите со кои секојдневно се соочуваат вработените во хотелите и рестораните.


– Придобивките од семинарот се големи. Освен сертификатите кои ќе им бидат доделени на учесниците, факултетот како член на женевската фондација понатаму ќе може да користи и средства од нивните фондови кои би се искористиле за потребите на факултетот во процесот на едукацијата на студентите, вели Проф. Д- р Мирјана Секуловска.

OhridNews