Аматерскиот фудбалски тим на Македонија на претстојните квалификации за Купот на регионите што го организира УЕФА ќе настапува под неверојатното име, на кое дури и тимот на Метју Нимиц би му позавидел.  Југоисточна Поранешна Југословенска Република Македонија. Ова е неверојатното име, под кое е пријавена аматерската фудбалска репрезентација на Македонија за квалификациите во УЕФА Купот на регионите, натпревари што почнуваат в сабота во Струмица и во Турнов, пишува денешна “Нова Македонија.

Купот на регионите е рекреативно натпреварување под закрила на УЕФА, а на кое учествуваат аматерите од сите европски држави, што значи дека за нашиот тим ќе играат играчи од второлигашките и третолигашките екипи. Селектор на тимот е Мите Митев, кој за овие квалификации повика фудбалери од територијата на цела Македонија, иако според правилата на натпреварувањето, играчите требало да бидат токму од регионот на земјата од каде што доаѓаат.

На името под кое ФФМ го доставила овој тим како екипа од одреден регион од државата би му позавидел и Метју Нимиц, посредникот на дваесетгодишниот спор помеѓу Македонија и Грција. Наместо да одредат некој регион што навистина постои во нашата земја (Пелагонија, Полог, Тиквешија…), како што е случајот на преостанатите земји-учеснички, од ФФМ измислиле неверојатно комплицирано име кое е тешко да се изговори одеднаш, а камоли да се напише…

Особено што во официјалните (нормални) натпреварувања на УЕФА, Македонија мора да настапува со додавката „Поранешна Југословенска Република“, ова беше идеална шанса Федерацијата да предложи име кое нема да биде проблематично или во најмала рака да служи за потсмев кај преостанатите учесници.Така, преостанатите селекции се пријавиле под имињата Далмација (Хрватска), Анкара (Турција), Прахова Мунтенија (Романија).., а најблиску до името на нашиот тим е Северна Ирска, која ќе настапи под името Источна Северна Ирска (!?).

Во групата со Југоисточна Поранешна Југословенска Република Македонија се селекциите на Сандарна (Шведска), Источна Северна Ирска и Тарту Насерв (Естонија). Првото коло е в сабота, второто в понеделник, а квалификациите завршуваат идната среда.

OhridNews