Европското фудбалско првенство е спортски настан број еден во моментов на стариот континент. Фудбалската треска ја зафати и нашата земја иако македонската фудбалска репрезентација се уште е далеку од учество на големо натпреварување. Фудбалот царува и во Охрид. Натпреварите од Полска и Украина се следат со голем интерес. Дома, во друштво или во некое од кафулињата. На работа, на улица фудбалот е тема број еден за разговор овој јуни во нашиот град. Кој кај гледа, кого фаворизира, која репрезентација ќе победи и ќе играме ли ние некогаш на ЕП?- ги прашавме охриѓани. Еве што велат тие:

-Најчесто натпреварите ги следам во домашна атмосфера, или со другари во некој од охридските барови. Мој фаворит на ова Европско првенство е Германија, пред се поради тимскиот дух кој го имаат како екипа и квалитет во играта, но со оваа земја ме поврзуваат и личности кои ги познавам во приватниот живот, вели Филип. Што се однесува до можноста Македонија да настапи на големо фудбалско натпреварување тој смета дека пред се треба да има реорганизација на структурите кои го водат овој спорт во нашата држава, потоа реорганизација во клубовите кои се натпреваруваат во домашната лига што ќе придонесе за подобрување на квалитетот на истата и изготвување план за развој на младите таленти со кои треба посебно да се работи уште од најрана возраст, па дури потоа можеме да очекуваме дека нашата репрезентација ќе ја видиме на едно големо натпреварување.

-Обично натпреварите ги гледам дома. Сакам кога гледам фудбал со пријатели, во друштво. Сметам дека најсериозен фаворит е Германија, вели Димоски. Тој верува дека иако македонскиот фудбал се соочува со одредени тешкотии, еден ден и нашите фудбалери(како нашите кошаркари и ракометари), ќе ни приредат незаборавни фудбалски доживувања на големите фудбалски шампионати.

Натпреварите ги следи во домашен амбиент, а негов фаворит е репрезентацијата на Хрватска. Не е оптимист дека Македонија во блиска иднина може да биде дел од европскиот, или светскиот фудбалски крем.
Европското првенство го следат и охридските парламентарци.

Голем фудбалски фан е и советникот Дејан Пановски. ЕП го следи во домашна атмосфера, а понекогаш и со пријателите во некои од кафулињата во Охрид.


-Го следам Европскиот шампионат во друштво, на разни локации. Мој фаворит на првенството е репрезентацијата на Русија. Што се однесува до Македонија, го следам секој нејзин настап кога игра дома и секогаш сум оптимист, вели Алчев.
Фудбалот одамна не е омилена „играчка“ само на мажите. Дека овој спорт е глобален феномен потврдуваат и припадничките на понежниот пол.

На Сузана Вренцоска, од неодамна портпарол на фестивалот „Охридско лето“, спортот и е во крвта. Таа е поранешна кошаркарка, а добро е упатена и во фудбалот.


-Натпреварите од Европското првенство ги следам редовно, дома или кај пријатели, секогаш во друштво. Мој фаворит е репрезентацијата на Шпанија, вели Марија. И таа не е оптимист дека нашите фудбалски репрезентативци за брзо време можат да бидат дел од едно големо натпреварување. – Многу тешко, би рекла невозможно, додава професорката по англиски.
Петар Алексоски видеомонтажер во Телевизија ТВМ, вели дека се труди и засега му успева да ги одгледа речиси од почеток до крај сите натпревари одиграни на првенството.

Македонија на ЕП? -Можеби во некои подобри и посреќни времиња за македонскиот фудбал. Можеби генерацијата која ја води селекторот Бабунски, во следните десеттина години ќе успее да се доближи барем до бараж, но сепак сум песимист околу наше учество на првенството, вели Алексоски.

-Мој фаворит беше и сеуште е репрезентацијата на Холандија, оптимистички одговара Мостров. Навивам за нив од почит кон холандските гости кои повторно се враќаат на ривиерата, додава Мостров, кој не е оптимист дека Македонија во блиска иднина може да игра на голем фудбалски собир.
Фудбалот е едно големо шоу во кое уживаат и шоумените. Најголемиот охридски шоумен, познатиот радио водител Жанко З’ш Голабоски редовно зема дневна доза фудбал.
-Не сум многу по фудбалот но го следам Европското првенствo, се разбира во добро друштво. Фаворит ми е Франција, уште кога „брат ми“ Бартез бранеше за нив. Не се покажаа на минатиот шампионат многу, но треба да се навива за својот тим и кога губи. Главен фаворит е Германија, но штета што не играат нашиве, ќе си навивавме за Македонија, вели популарниот Жанко.
На ЕП деновиве претстои разврската по групи, по што следи финалната пресметка. Можност преку спортските возбудувања малку да се отргнеме од секојдневните проблеми и обврски. Уживајте во фудбалската магија, а којзнае, можеби еден ден како што велат нашите соговорници и ние ќе се радуваме на успех на нашите фудбалери на големи натпреварувања.












