Последниот ден на февруари го облеа во сонце Охрид каде денеска се одигра дерби натпреварот од Втората лига помеѓу водечкиот Охрид и второпласираната Шкендија од Арачиново. Убавото време и важноста на натпреварот ги привлече љубителите на фудбалот на стадионот на СРЦ „Билјанини извори“ кој денеска беше исполнет речиси до последно место.

Амбиентот го разубавија навивачите, а атмосферата дополнително ја подгреа познатиот охридски пејач Ѓоко Танески кој пред почетокот на средбата заедно со публиката ја отпеа навивачката химна „Лихнида кајче веслаше“.

Охрид ја имаше поддршката од верните „Рибари“, а Шкендија А. од десетици свои поддржувачи. Атмосферата вистинска фудбалска, условите за игра речиси идеални, актерите мотивирани. Имаше се освен голови. Екипите свесни за значењето на натпреварот одиграа претпазливо, цврсто и без преголем ризик.

Мечот кој заврши без победник 0:0, немаше фудбалска убавина, а фактот што ниту една од екипите не создаде вистинска шанса за гол доволно зборува за тактичкото надмудрување попладнево на „Билјанини извори“.

По мечот играчите си подадоа рака и ги поздравија своите поддржувачи и публиката на која, впечаток е, денеска и останаа должни.

По ремито на „Билјанини извори“, нема промени во врвот на табелата. Охрид и натаму е прв со 40 бода, еден повеќе од Шкендија на второто место. Следат Скопје кој со 1:0 денеска славеше над Беласица со 35 бода и Брегалница Штип која го торпедираше Вардар Неготино со 7:1.

Г.М.