Фудбалскиот спектакл, натпреварот помеѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, овие два дена ги става Скопје и Македонија во фокусот на светската јавност.
Фудбалерите на двата тима попладнево ќе пристигнат во Скопје. Прво е најавено доаѓањето на експедицијата на Манчестер Јунајтед, некаде во 12:55 часот. Актуелниот шампион на Лига Европа, ќе престојува во „ТЦЦ Плаза“, а тренингот на Националната арена„ Филип Втори“ „црвените ѓаволи“ ќе го одржат во 17:30 часот.
Еден час подоцна на аеродромот „Александар Велики“ ќе слета експедицијата на Реал Мадрид. Европскиот првак ќе престојува во хотелот „Александар Палас“. Тренингот на Реал е закажан за 19:30 часот.
Пред тренинзите тренерите на двата тима Жозе Мурињо и Зинедин Зидан ќе одржат прес конференции. Пресот на Јунајтед е во 16:45, а на Реал во 18:45 часот. Прес конференциите ќе се одржат на стадионот „Филип Втори“.
За дуелот меѓу фудбалските великани владее огромен интерес. УЕФА Суперкуп натпреварот ќе се пренесува во живо во 216 земји (49 во Европа и 167 во светот), а над 280 ТВ-станици ќе го пренесуваат пред ТВ-аудиториум од неколку милијарди луѓе.
OhridNews