Угледниот „Кикер“, во пресрет на денешното финале во Лигата на шампиони, направи анкета меѓу поранешните освојувачи на елитното фудбалско натпреварување. Поголем дел од испитаниците предност му даваат на Баерн Минхен.

„Ќе биде 3:1 за Баерн, играат дома и ќе ја искористат силата во нападот“, изјави Дидие Дешамп, освојувач на ЛШ во 1993 година со Олимпик Марсеј.

„1:0 за Баерн, откако загубивме во финалето на Купот на УЕФА во Ротердам од Феенорд, знам дека предноста на домашниот терен не смее да се потцени“, смета Ларс Рикен, кој со Борусија Дортмунд ја освои ЛШ во 1997 година.

„Ќе биде 2:1 за Баерн, не може да им избега уште една титула“, е мислењето на Бодо Илгнер кој со Реал ја освои елитната лига во 1998 година.

„Резултатот ќе биде 2:1 за Челзи. Баерн ќе падне исто како против нас во 1999 година. Дрогба ќе има своја вечер“, смета Гери Невил, победник во ЛШ со Манчестер Јунајтед во 1999 година.

„Ќе биде 3:1 за Баерн. Оваа сезона во ЛШ прикажа извонредни партии. Имаат голема сила во офанзивниот дел на играта“, напомена Отмар Хицфилд, поранешниот тренер на Баерн, кој со Баварците и Борусија Дортмунд ја освои ЛШ во 1997 и 2001 година.

„Ќе биде 1:0 за Челзи. Неговите играчи се искусни и ладнокрвни во финалните натпревари, тоа го покажаа и неодамна против Ливерпул во ФА купот“, рече Деко, кој има две титули во ЛШ, со Порто во 2004 и Барселона во 2006 година.

„Резултатот ќе биде 5:4 за Баерн по изведувањето на пенали. откако ќе се одиграат 120 минути предноста ќе биде на страната на Баварците поради тоа што веќе го победија Реал на пенали“, е размислувањето на Дитмар Хаман, кој во ЛШ победи како играч на Ливерпул во 2005 година.

На крајот своето мислење го даде и Давид Виља, кој минатата сезона ја освои Лигата на шампиони со Барселона: „Ќе биде 1:0 за Челзи, затоа што играат извонредно во дефанзивата. Ова ќе биде финале со малку прилики за гол, а може да пресуди еден од моите големи пријатели Фернандо Торес или Хуан Мата.“


Ohridnews