Амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, ирскиот диопломат Ерван Фуере, синоќа во ресторанот „Пандонос“ во Охрид имаше проштална средба со градоначалниците на Охрид и Струга, претседателот на Советот на општина Охрид, советници, претставници на локалните самоуправи, јавни личности, новинари и членови на здружението на граѓани „Богојавление“.


На секогаш драгиот гостин, за спомен и сеќавање му беа врачени пригодни подароци, а градоначалнникот на Струга Рамиз Мерко ја изрецитира антологиската песна „Т’га за југ“, која Фуере ја доби преведена на француски јазик, кој инаку одлично го говори.


Вечерта беше засладена со торта на која беше испишано името на евроамбасадорот.

Фуере дел од вечерта мина со охридските новинари со кои често дружеше во текот на неговиот мандат. Тој од ресторанот беше испратен со музика која му ја отпеа омилената „Охрид, Охрид убав мил“.


Фуере со подароци и музика испратен од Охрид

Ерван Фуере од први март ја напушта дипломатската функција во Македонија и заминува за Брисел. Планира да оди на одмор во Австралија кај својата сестра, по што на 1 јули и официјално заминува во пензија. Темпераментниот Ирец вели дека ќе биде активен пензионер, ќе спортува, ќе пишува и работи и понатаму. На Македонија вели дека ќе се сеќава како на земја со извонредни топли и гостопримливи луѓе и се надева дека политичарите ќе ги решат проблемите кои стојат на патот на земјата кон ЕУ до која земјата се приближи токму во мандатот на Ерван Фуере.

OhridNews