Во ноемврискиот извештај кој го подготвува Европската комисија, за реформскиот напредок на земјава, на хартија ќе бидат ставени сите недостатоци воочени во Македонија во минатиот период, а ги има доста.
Ова го изјави специјалниот претставник на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере, на регионална конференција за европска безбедност и одбрамбена политика што се одржува во Охрид.
 
Вонредните парламентарни избори,јулските случувања во македонскиот парламент, и сега бојкотот на ДПА која одбива да седне во собраниските клупи, ќе бидат нотирани како слабости во есенскиот извештај на европската комисија.

„Се надевам дека Владата ќе го сфати и ќе го разбере овој извештај како едно упатство кое ќе и помогне на комисијата да изгради позитивна слика за реформите кои во иднина би ги направила  Македонија за да добие позитивен извештај “- порача Фуере.

Евроамбасадорот потенцира дека земјава може да ошекува позитивен извештај во оној момент кога ќе бидат исполнети сите критериуми кои ЕУ ги бара од нас. Сеге е се’ – вели тој, во рацете на македонските државни институции.  


Фуере во Охрид учествува на Регионална конференција за европска безбедност и одбранбена политика (ЕБОП) која започна вчера. На конференцијата  која ја организира Министерството за одбрана со поддршка на Франција, како актуелен претседавач на ЕУ учествуваат претставници и делегации од 25 земји од регионот и од Европа.

Росица Голабоска