Вклученоста на сите држави од регионот на Самитот на Регионалниот совет за соработка на Југоистична Европа што се одржува во Охрид, е успех на самитот на кој учествуваат министри за надворешни работи и нивни заменици, оцени комесарот за проширување на ЕУ Штефан Фуле. Тој денеска имаше обраќање пред учесниците во кое се осврна на процесот на интеграција на регионот.
-Она што е мошне значајно за мене е добрата атмосфера и вклученост на сите на овој самит. Сите седат на заедничка маса, вклучително и Косово, како специјален гостин.-истакна Фуле во изјава за медиумите.
Во врска со откажувањето на самитот на претседатели, Фуле не ја коментираше одлуката на претседателот Иванов, но истакна дека тој немал многу опции.
-Не сум тука да коментирам одлуката за откажување на самитот на претседатели. Со оглед на иформациите кои ги имам околу најавите за присуство, немало многу опции. Она што е многу поважно за мене е што на министерскиот самит се обезбеди инклузивност, што е успех на организаторот.-рече Фуле.
Неофицијално Романија по откажувањето на претседателскиот самит во Охрид започнала дипломатска иницијатива за организација на настанот во оваа земја. Еврокомесарот смета дека таквата иницијатива доаѓа предвид само доколку се почитува принципот на инклузивност.
-Било каков самит кој ќе ги вклучи сите претставници од регионот ќе биде поддржан од нас. Секој поинаков обид треба да се избегне. –изјави Фуле.
Запрашан кои проблеми се следни за решавање по постигнатиот договор помеѓу Србија и Косово, Фуле истакна дека ги има повеќе.
-Договорот помеѓу Белград и Приштина покажа дека кога има посветеност од политичарите големи прашања можат да се решат и да се направат крупни чекори за помирување во регионот. Се надевам дека овој пример ќе биде инспирација и за другите лидери во Западен Балкан. – истакна Фуле.
Еврокомесарот истакна дека 2013 треба да биде добра година за процесот на проширување, бидејќи Хрватска ќе стане 28 земја членка на ЕУ, и изрази надеж дека и други земји ќе ги отпочнат преговорите, но не одговори кој е поблиску до ЕУ, Македонија или Србија?
-Тоа е добро прашање на кое одговор ќе дадат земјите членки во јуни.- рече Фуле.
Тој истакна дека Македонија треба час поскоро да го имплементира мартовскиот договор, со цел да се постигне консензус за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ.
-Мартовскиот договор е јасен, некои работи се имплементирани некои не, особено ад хок комисијата. Гледам во календарот и ја гледам втората половина на јуни кога овие прашања ќе ги разгледа европскиот совет, не останува уште многу време, треба да се преземат чекори.-додаде Фуле.