
„Мислам дека јасно кажав дека има прогрес во реформите и дека има прогрес во добрососедските односи, но изразив загриженост за договорот од март со кој се надмина политичката криза од 24-ти декември дека е далеку од имплементација“, рече Фуле.
Нагласи дека ги повикал политичарите во Скопје да направат повеќе за да се забрза имплементацијата на политичкиот договор со кој се овозможи учество на опозицијата на Локалните избори 2013.
Очекува да се формира Анкетната комисија, која заглави кај изборот на претседател, потоа посочи дека треба да се потпишат меморандуми меѓу политичките партии, но и со новинарите, коишто, според Фуле, биле вмешани во политичката криза којашто кулминираше на 24-ти декември со отстранувањето на новинарите од Собранието, а тие со ништо не придонесоа за тоа.
„Краткиот одговор на вашето прашање би бил да, но…“, одговори Фуле на новинарско прашање дали Македонија е поподготвена од лани да ги почне преговорите за членство во ЕУ.
Фуле забележа дека продолжиле реформите во Македонија, се подобруваат односите со соседите, со Бугарија и со Грција, и дека се преземени чекори во насока на подобрување на односите со овие де земји.
Додека се подготвуваше Извештајот за Македонија, паралелно се случи и напредок во преговорите за името во Њујорк, со тоа што медијаторот Метју Нимиц се сретна со двајцата преговарачи од двете земји и излезе со нови предлози.
Фуле потсети дека уште треба да се работи на политичката криза која доведе до настаните од 24-ти декември и која само привидно беше завршена на 1-ви март со потпишување на Политичкиот договор меѓу власта и опозицијата, но дека сега треба да се завршат потточките кои ги содржи тој договор.
„При мојата последна посета во Скопје, забележав дека ништо натаму не е преземено и нагласив на моите средби со македонските политичари дека тоа е важно и дека мора да ја формираат Анкетната комисија за проценување на настаните од 24-ти декември, како и да потпишат меморандум за разбирање со новинарите“, додаде Фуле.
Фуле рече дека од Европската комисија се надеваат дека Европскиот совет ќе се однесува според нивните препораки.
На новинарско прашање дали забрзувањето на процесот за влез на Македонија во ЕУ нема да значи и увезување билатерални проблеми, како и малцински проблеми во Унијата, Фуле рече дека никој не го забрзува процесот, туку дека тој само ги констатирал напредоците како исполнети критериуми, а ги кажал и забелешките.
„Сите очекуваме да се затворат овие поглавја со отворените прашања, а тоа е само фаза во процесот на членство. Затоа процесот за членство не се состои од еден дел. По ова следуваат преговори… Процесот на проширување не треба да биде процес со кој ќе увеземе проблеми. Затоа постојат тие фази за да се најдат тие проблеми и да се решат. Со сите нови членки Европската унија добива повеќе граѓани, а со тоа и зајакнува, но тие не се тука за да внесат проблеми“, заврши Фуле.
Тој денеска го презентираше само Извештајот за Македонија, а не и трите останати, два за Србија и еден за Косово, затоа што, како што рече, во меѓувреме овие две држави се договориле утре да продолжат со преговорите кои беа прекинати пред една недела.
Извор:„Макфакс“












