Селекторот на кошаркарската репрезентација на Шпанија, Серџо Скариоло, го соопшти конечниот список од 12 играчи кои ќе настапат на Европското првенство.

Шпанија во првата фаза ќе настапи во Б групата, во Берлин, а противници ќе ѝ бидат националните тимови на Србија, Германија, Италија, Турција и Исланд.

Последен од списокот на Скариоло отпадна Чави Рабаседу, откако во четвртокот кампот на репрезентацијата, поради повреда на стапалото, го напушти Алекс Абринес.

Шпанија на Евробаскетот ќе ја преставуваат: Серхио Родригез, Серхио Љуљ, Гиљем Вивес, Пау Рибас, Руди Фернандез, Фернандо Сан Еметерио, Виктор Клавер, Пабло Агилар, Никола Миротиќ, Фелипе Рејес, Пау Гасол и Вили Ернангомес.

Скариоло уште пред почетокот на подоготовките остана без проверените искусни играчи: Рики Рубио, Марк Гасол, Хозе Калдерон и Хуан Карлос Наваро.

Шпанската репрезентација следниот подготвителен натпревар ќе го одигра в сабота на домашен терен против селекцијата на Македонија. Покрај овој, Шпанија и Македонија ќе одиграат контролен меч и на 25-ти август.

Европското првенство ќе се одржува од 5-ти до 20-ти септември, а Шпанија во првото коло ќе игра против Србија.

„Макфакс“

Ohridnews