Енормно зголемување на потрошувачката на лекови кои се користат за намалување на напнатоста, вознемиреноста, нарушеното спиење, стравот, депресивното расположение, нервозата и други стресни состојби е забележана во 2013 година. Според податоците на ФЗОМ, секој втор Македонец ги употребува овие лекови кои може да предизвикаат трајни несакани ефекти меѓу кои намалување на срцевата работа, депресија, намалено либидо, главоболки, тремор, нарушено памтење, кошмари, халуцинации, агресија, мускулна слабост.
Во оваа група на лекови влегуваат диазепам и апаурин, потоа бромазепамот познат како лексилиум и бромазепам, алпразоламот односно хелекс и золпидемот попознат како санвал.
„Според анализата на податоците на Фондот за потрошувачката на овие лекови може да се констатира дека годишно во 2010 над 1 милион и 250 илјади рецепти се реализирани во аптека, што значи дека просечно секој втор жител на Македонија употребил по најмалку едно пакување од овие лекови во текот на годината. Но алармантно и загрижувачки е тоа што потрошувачката на овие лекови во 2013 година се зголемува на над 1 милион и 600 илјади реализирани рецепти, односно за околу 30%“, се вели во соопштението на ФЗОМ.
Според извештајот, лекот диазепам е на четврто место од десетте најчесто пропишувани лекови во Македонија.
Податоците со кои располага ФЗОМ укажуваат на огромната потрошувачка на овие лекови и трендот на постојано зголемување, но таа се однесува само за оние лекови кои се подигнати од аптека на товар на ФЗОМ, а не и за тие кои се купуваат на приватни рецепти и што се користат при болничкото лекување, што значи дека потрошувачката е уште поголема. Од тие причини, Фондот ги предупредува граѓаните за несаканите ефекти од употребата на овие лекови.
„Од краткорочните штетни дејства ќе ги споменеме: успорена работа на мозокот, слаба концентрација, конфузија, неразбирлив говор, што доведува до проблеми со едукација и стекнување на нови вештини, проблеми во секојдневна работа како и проблеми при извршување на домашните обврски и воспитувањето на децата и сл.забавените рефлекси доведуваат до проблеми со возењето на автомобил и др. превозни средства, намалената координација, поспаноста, вртоглавиците и заморот, намалената координација, намалувањето на крвниот притисок, намалувањето на дишењето и намалувањето на срцевата работа, се потенцираат при истовремена употреба на алкохол и комбинација со други лекови за хронични болести, што може да доведе до кома и смрт. Нивната употреба неповолно делува кај пациентите со хронични болести на белите дробови (ХОББ и астма) поради ефектот на намалување на дишењето, депресија, намалено либидо, главоболки, тремор, нарушено памтење, кошмари, халуцинации, агресија, мускулна слабост, неконтролирано мокрење, запек, нарушување на менструалниот циклус и др“, предупредува ФЗОМ.
Но, сепак, велат од ФЗОМ, скриена и најголема опасност од долготрајната и континуирана употреба на овие лекови е појавата на психичка и физичка зависност. Пациентот може многу брзо да развие толеранција на лековите, тоа значи дека е потребна сѐ поголема доза за да се постигне саканиот ефект, што доведува до појава на зависност. Овие состојби може да се јават како кај пациенти кои го примаат лекот по препорака на лекар, така и кај тие што го злоупотребуваат.
Покрај горенаведените несакани штетни ефекти, овие лекови може да предизвикаат и други несакани ефекти кои се јавуваат и кај другите групи на лекови: заметен вид, болки во гради, тешкотии при дишење, отежнато голтање, кожен осип, чешање, црвенило, гадење и повраќање, ангиоедем – оток на грло и душникот, анафилактичен шок, кои претставуваат витално загрозувачки состојби и ембриотоксично дејство (може да влијаат врз развојот на плодот и не се користат кај бремени жени), велат од Фондот.
Фондот апелира граѓаните да ги следат советите на лекарите и да не инсистираат избраниот лекар да им пропишува лекови на нивно барање, односно спротивно на упатствата за лекување според медицина базирана на докази, а до лекарите при пропишувањето на лековите да ги следат упатствата според медицина базирана на докази, презентирани за време на специфичната медицинска едукација за дијагностика и терапија на депресивните состојби во текот на 2013 година, а земајќи ги во предвид сите несакани и штетни ефекти кои ги предизвикуваат овие лекови.
OhridNews