Фондот за здравствено осигурување на Македонија 2017 година ја започнува со досега најголем буџет на институцијата во висина од 26 милијарди и 947 милиони денари, информираа од ФЗОМ. Овој буџет е за 1 милијарда и 370 милиони денари повисок од буџетот на почетокот на 2016 година, односно зголемување за 5,4%.
Процентуално поделбата на буџетот за 2017 година е: ЈЗУ ќе добијат 53,14% од буџетот на ФЗО, ПЗУ ќе добие 30,57 %, надоместоци за породилно и болест 10,76%, ортопедски помагала 1,67%, 1,48% лекување во странство, 2,11% за функционирање на Фондот (капитални инвестиции и софтвер). Во рамки на зголемувањето на буџетот за 2017 година од 1 милијарда и 370 милиони денари во однос на почетниот буџет од 2016 година, 1 милијарда и 50 милиони денари претставува зголемување за здравствени услуги, а додека за 325 милиони денари се зголемени надоместоците за породилно и боледувања.
Од здравствените услуги во споредба со 2016 година, најголемо е зголемувањето кај ЈЗУ односно 566 милиони денари или раст за 4,1% во кое е вкалкулиурано зголемувањето на крајот на 2016 година. Кај ПЗУ, зголемување за 160 милиони поради зголемената капитација кај матичните лекари и стоматолози. За лекови на рецепт по зголемувањето од 80 милиони во текот на 2016 година, предвидени се дополнителни 200 милиони денари и за дијализа предвидени се дополнителни 50 милиони денари.
За Јавните здравствени установи во 2017 се обезбедени нови дополнителни 458 милиони денари. Зголемените средства се за неколку сегменти:
• Нови здравствени услуги со воведување на нови методи за лекување;
• Зголемување на вид и обем на постоечки здравствени услуги.
• Финансиска одржливост на здравствените установи и потреба од финансирање за нивно функционирање.
• Новите вработувања на специјализиран кадар (трансформации и преземања од ПЗУ).
• Зголемување на Плати за определени категории на здравствени работници.
Од ФЗОМ потенцираат дека зголемувањето на буџетите на ЈЗУ е стимулирачки и мотивирачки со цел да се даваат поголем обем на здравствени услуги, а воедно и да обезбедат поквалитетни здравствени услуги. Зголемувањето на средствата е условено со зголемување на бројот на хируршки интервенции кај клиничките и општите болници, со цел да се намали препраќање на пациенти во Скопските Клиники. Клиниките се условени со пружање на нови здравствени услуги и нови методи на работа а воедно и зголемување на видот и обемот на постојните здравствени услуги.
OhridNews