Природните убавини и пешачките патеки во должина од 350 километри во националниот парк Галичица привлекуваат се поголем број посетители.

Како што информираат од ЈУ Национален парк „ Галичица“, до нив секојдневно пристигнуваат барања за групна или индивидуална посета на паркот .

Бројот на посетители во последниот период е во пораст од  5 до 10%. На 6 или 7 главни влезови во националниот парк поставени се дигитални бројачи кои ги евидентираат возилата, пешаците, велосипедистите. Во тек е обработување на податоците за минатата година. Има и групи посетители од странство, од цела Македонија, не радува фактот што се зголемува навиката на граѓаните за посета на Националниот парк, вели Номче Новески од ЈУНП „Галичица“ кој потенцира  дека тоа се должи и на добрата промоција која се спроведува во текот на последните години, како и достапноста на податоците кои се наоѓаат на нивната интернет страница.

Согласно најновите измени во Законот за заштита на природата, Законот за национални паркови, најавените групи посетители низ паркот ќе ги водат туристички водичи кои претходно ги посетителе организираните работилници, завршиле соодветна обука и добиле сертификат.  

Со изгласувањето на новите закони и подзаконските акти, се повеќе ни се дава можност за нови извори на финансирање. Ние имаме двајца лиценцирани водичи за Националниот парк и според тие акти, туристичките водичи на групи не ќе може како претходно без најава да доаѓаат и раскажуваат за националниот парк. Сега ќе мора да се пријават групите и да ги носи водич кој завршил обука и добил сертификат со цел да се даваат реални податоци за паркот, вели Новески.

Тој додава дека претходно се случувало различни водичи да презентираат и различни податоци за паркот, за висината на врвот „Магаро“ или за протокот на вода во „Билјанини Извори“, поради што биле неопходни извршените измени во законот.

Т.К.