Колкава е користа за субјектите кои вршат услуги во и околу националниот парк „Галичица“ и како таа корист се одредува, беше тема на денес одржаната работилница на која освен претставници од ЈУНП „Галичица“, учествуваа и претставници од локалната самоуправа, туристички работници, и претставници од општина Ресен.


–  По утврдувањето на методологијата за проценка на користа, очекуваме еден валиден резултат кој ќе значи многу за идните планови на Националниот парк, изјави Огнен Достиноски од ЈУНП „Галичица“.


Работилницата е во организација на WWF, светска невладина организација за заштита на природата, иницијатор на проектот за вмрежување на повеќе од 75 паркови на приорода и национални паркови од регионот, под заедничко име Паркови Динариди. Целта на вмрежувањето е промоција на регионот,а воедно и создавање на бренд за светска препознатливост.


Идејата беше да се направи една унија на сите заштитени подрачја во регионот , за кои веруваме дека треба да бидат на исто рамниште со познатите региони во светот, за кои се знае дека располагаат со богат биодиверзитет. Она со што располага Македонија вреди да се спакува во еден пакет кој ќе биде препознаен насекаде. Галичица е специфична по тоа што се наоѓа во близина на познато туристичко место и може да биде пример во регионот во однос на поврзаноста меѓу туризмот и заштита на природата, вели извршниот директор WWF Адриа, Дени Пореј.


Претставниците на Парковите Динариди, деновиве,  беа во посета на трите македонски Национални паркови, при што беа извршени и видео снимања, за понатамошна употреба во промотивни цели.

Т. Кувенџиска