„Уште еднаш се покажува на дело некадарноста и селективноста на оваа власт и во чија корист работи локалната власт, на чело со градоначалникот. Тука му е местото и на премиерот, кој упорно е дециден дека ќе се руши. Сакаме да го прашаме премиерот, што ќе се руши? Партиско одобрение за градба на хотел во заштитен појас има, а ќе се руши семејна куќа во реон кој е надвор од заштитниот појас?!“, велат од ГДУ Охрид.

Како што велат од ГДУ, уште еднаш се докажало дека за обичните граѓани законот и те како важи, но кога е во прашање некој моќник во Охрид тогаш може и да се прогледа низ прсти.

  • Некој што е со членска книшка ќе гради хотел на крајбрежје, а обичните граѓани немаат право ни на семејна куќа доградба да направат? Клиентелизам? Замислете во Охрид засмета семејна куќа на патот кон УНЕСКО, замислете најпроблематична стана градбата на еден обичен граѓанин која е надвор од заштитниот појас и замислете после пет месеци припрема за акција, од каде почна акцијата… Жалосно и срамно!, додаваат од ГДУ.

Според нив, станува збор за голем апсурд, бидејќи оваа семејна куќа за 50 сантиметри ја надминала висината и веднаш се реагира, што не било случај и со минарето, како што велат, кое надминало 25 метри.

  • Ние од ГДУ стоиме на својот став дека законот мора да важи подеднакво за сите, без исклучок, а не само за обичните граѓани. Воедно убедени сме дека градоначалникот  и неговата партија работат на тоа да ги спасат своите финансиери од законот и да изнајдат решение да ги заобиколат нивните градби, сметаат од ГДУ.

OhridNews