Браво за замислата за изградба на баскет игралиште во некогашната касарна „Михајло Апостолски“ и се надеваме дека нема да биде како со ултра модерниот стадион во Лескоец, велат од ГДУ Охрид.
- Па не е толку далеку новото замислено баскет игралиште од Лескоец и ќе можат луѓето да доаѓаат тука на рекреација. Толку од поддршката за спортот и младите во Лескоец. По се изгледа директорот на Агенцијата за млади и спорт бара друга локација за рекламни спотови, бидејќи во Лескоец тешко дека ќе може повторно да прави реклама со УЛТРА Модерниот стадион. Да не ја заборавиме и затворената спортска сала, но можеби и неа ја дислоцирале. Повеќе од очигледно е дека овие ветувања ќе влезат во низата на ветено и неисполнето, заедно со стационарот, затворениот базен кој требаше да биде функционален уште во 2018 год, софистицираната фабрика, фамозната Гасификацијата на Тунтев, УНЕСКО, дивоградбите, канализацијата на повеќе места како Лескоец, Рача, Подмоље и др, велат од ГДУ.
Оттаму, со критики и за ВМРО ДПМНЕ.
- Браќата од ДПМНЕ осудуваат и критикуваат за „ќе“ кампањата, а забораваат дека половина проекти на СДСМ беа и во предизборната кампања на ДПМНЕ уште во 2013 година. Забораваат дека ветија стационар, затворен базен, модерно спортски центар во Лескоец, канализации и сѐ останато. Но замислете се сетиле да побараат од Власта да им се извини на охриѓани за излажаните проекти. Пред се, нека дадат пример како се прави тоа, бидејќи и тие со години наназад исто така ги лажат охриѓани. И разумно е да кажат дека „прв пат“ со зборот дивоградби се соочиле во 2017 откако изгубија на локалните избори, исто и за УНЕСКО „прв пат“ слушнаа во 2017. Но добро е важно напредуваме, додаваат од ГДУ.
Од ГДУ со порака-прво да се реализира ветеното, а потоа да се ветува друго.
OhridNews












