Жалам што едно лошо полувреме против Доминиканската Република ми го уништи сонот за крај со настап на Олимписките игри, вели најдобриот поединец на домашната сцена во изминатата сезона.
Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром денеска се враќаат во Скопје, откако ја завршија охридската фаза на подготовки. Најискусниот во шампионскиот тим на МЗТ и играч од кого се очекува да ја предводи екипата како во домашниот шампионат така и во Јадранската лига, е Тодор Гечевски. Ветеранот во изминатите петнаесетина години беше незаменлив во македонскиот национален тим, но стави крај на репрезентативната кариера и се фокусира на клупските обврски. Натпреварите од квалификациите за ЛОИ беа последни за него во репрезентативната кариера и за жал, не успеа богатата кариера да ја круниса со настап на олимпискиот турнир.
– Испуштивме убава можност да направиме историски успех. Ќе беше одлично како врв на мојата репрезентативна кариера да имав настап на Олимпијада. Едно лошо полувреме против Доминиканците ги уништи нашите соништа. Останува на помладите да продолжат по тој пат и да ги следат своите желби, за мене во Каракас беше крајот на настапите во репрезентацијата – потенцираше Гечевски.
Гечевски во кариерата играше во неколку клубови во Европа, но најдолго се задржа во хрватскиот Задар, од 2003 до 2008 година.
– Во тие пет години минати во Задар, пет пати играв во Јадранската лига, а една сезона и на фајналфор. Сметам дека може да им помогнам на младите со своето искуство и да им поделам некој совет. Ќе дадам сж од себе да одиграм најдобро што можам, имаме одлична екипа, супер атмосфера, добро се дружиме и сметам дека ги имаме сите предуслови за постигнување добри резултати во сите натпреварувања – смета Гечевски, кој е магнет за кошаркарските љубители во најпознатиот македонски туристички центар.
Тој не може да каже дали ова е неговата последна играчка сезона, но знае дека се ближи крајот.
– Фокусиран сум единствено на сезоната со МЗТ Скопје, нж очекуваат силни мечеви. Не сум размислувал за крај на кариерата, додека имам сили ќе играм. Во секој случај, се гледа крајот, дали ќе биде во оваа или во наредната сезона не можам да кажам. Сметам дека сум направил доста во својата кариера и полека, време е да се направи место за помладите – завршува најдобриот кошаркар во македонското првенство за минатата сезона.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com