Генералното собрание на ОН усвои резолуција со која се изразува најдлабоко жалење за руската агресија врз Украина и се бара Русија веднаш да престане да се заканува и да користи сила против Украина и итно, целосно и безусловно да ги повлече сите свои воени сили од меѓународно признатата територија на Украина.

Резолуцијата беше усвоена со 141 глас „за“, пет „против“ и 35 воздржани, меѓу кои и Кина.

Усвоената резолуција ја потврдува посветеноста на Украина за суверенитет, независност, единство и територијален интегритет во нејзините меѓународно признати граници.

Се изразува и жалење за одлуката на Русија во врска со статусот на украинските региони Доњецк и Луганск, со барање Москва веднаш и безусловно да ја поништи таа одлука.

Се повикува на итно мирно решавање на конфликтот преку политички дијалог, преговори, посредување и други мирни средства, како и почитување на договорот од Минск.

Во неа се нагласува жалење заради вмешаноста на Белорусија во нелегалната употреба на сила против Украина и го повикува Минск да се придржува до своите меѓународни обврски.

САД задолжи десетина државни обвинители да ги гонат „корумпираните руски олигарси“

Американското Министерство за правда задолжи десетина државни обвинители да ги гонат, како што се наведува, „корумпираните руски олигарси“ и сите оние кои ги прекршуваат санкциите воведени од Вашингтон кон Москва по инвазијата на Украина.

Нема да штедиме напори да го истражиме, уапсиме и гониме секој чии криминални активности ѝ овозможуваат на руската влада да ја продолжи оваа неправедна војна, наведе министерот Мерик Гарланд во изјавата во која ги наведува главните карактеристики на специјалната единица што претходно истиот ден ја објави претседателот Џо Бајден. 

Одделот наречен „Kleptocapture“ ќе има повеќе од десет државни обвинители и истражители од федералната полиција, даночните и поштенските служби.

Тие ќе гонат секој кој ќе ги прекрши санкциите воведени кон Русија пред и по почетокот на нападот на Украина, но и идните.

Ќе ја следи усогласеноста со мерките наметнати против руските монетарни институции, следејќи ја, на пример, употребата на криптовалути.

Тие ќе можат да го запленат имотот на поединци кои се цел на санкции доколку е стекнат на „незаконски начин“, додаваат од министерството. аа/

Кина нема да воведе санкции за Русија поради Украина

Кина нема да се приклучи кон финансиските санкции што САД и ЕУ ги воведоа против Русија, соопшти денеска кинеската банкарска регулаторна комисија.

Претседателот на кинеската регулаторна комисија за банкарство и осигурување, Гуо Шукинг изјави дека официјален Пекинг е против воведувањето санкции.

Ние нема да се приклучиме на таквите санкции и ќе одржиме нормална економска, трговска и финансиска размена со сите релевантни страни, истакна Гуо на прес-конференција.

Тој додаде дека Кина не ги одобрува финансиските санкции, особено оние наметнати еднострано, „бидејќи тие немаат правна основа и нема да имаат ‚ добри ефекти“.

OhridNews