Охрид е повеќе од обичен град. Охрид е светско наследство и национална гордост. Водени од вашата доверба и поддршка, заедно со Вас и мојот тим, цврсто чекориме по патот на промените. Горди сме што успеавме да започнеме една нова ера, на поголема свесност, и тоа што како генерација покажавме дека умееме да ја искористиме историската шанса, да го зачуваме богатството што ни е оставено во аманет. Резултатите од нашата работа се видливи. Постигнавме многу, но убеден сум дека можеме да постигнеме уште повеќе, рече на денешната прес конференција по повод почетокот на предизборната кампања за престојните Локални избори 2021, кандидатот за градоначалник, Константин Георгиески од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за Охрид“.

Сега е време да продолжиме со остварување на нашите цели. Сега е време уште еднаш да се обврземе пред Вас и пред себеси, дека ќе работиме уште повеќе за интересите на градот. Охрид заслужува да биде град со најдобар квалитет на живот. Град од кој луѓето нема да сакаат да си заминат, туку град во кој луѓето секогаш ќе се враќаат и ќе ги градат своите семејства. Успеавме да ја оствариме нашата најважна мисија. А тоа е реализација на процесот на раздолжување на општината, со што исполнивме едно големо ветување со кое бевме обврзани пред вас. Со плански менаџмент направивме сериозни капитални инвестиции за реконструкција на важни градски сообраќајници и реализиравме низа големи проекти во сите основни и средни училишта, со што го подигнавме воспитно образовниот процес на едно повисоко ниво, додава Георгиески.

Бевме и останавме исклучително посветени на препораките на Унеско. Продолжуваме со уште посилно темпо во насока на зачувување на Статусот на заштитен регион, вели Георгиески.

Врз основа на приоритетните потреби на заедницата, во текот на претстојниот мандат носиме нови и квалитетни решенија за секој граѓанин да добие подобри услови во својата средина. Креираме проекти за подобра инфраструктура, обезбедуваме подобро урбано планирање, заштита на животната средина, современ туризам, побрз локален економски развој и социјална сигурност за младите, додава Георгиески.

Додава дека нивната предизборна програма е втемелена на потребите на граѓаните и реалните визии.

 

Н.С.Ј.

фото: А.Момироска