„Јас како градоначалник и општината ја поведуваме битката за враќање на сјајот на Охрид. Знаеме дека тоа нема да биде лесно и дека ништо не може да се смени преку ноќ. Точно е дека нацрт извештајот кој пред неколку денови беше објавен ја отсликува реалната состојба на терен, во тој извештај се нотирани одредени позитивни исчекори кои сме ги направиле, проблемите кои на сите нам ни се добро познати и од овој период почнуваме полека сите тие проблеми да ги решаваме“, потенцира на денешната прес конференција градоначалникот Константин Георгиески.

Градоначалникот се осврна поединечно на секоја забелешка во извештајот, во кој особено акцент е ставен на дивоградбите и немањето на регистер на нелегални градби, за кој нагласи дека ќе биде изработен во рок од 30 дена и ќе биде јавно објавен. Во однос на дивоградбите за кои е донесено решение за отстранување од страна на надлежните органи, Георгиески вели дека секој случај поединечно ќе се разгледува, но постапувањето, како што е отстранувањето ќе биде неселективно.

  • Во услови кога државата носи секакви можни закони за легализација, години наназад, е дискутабилно како ние како локална самоуправа да пристапиме кон рушење. Во Охрид има над 600 или 700 дивоградби, чиј точен број ќе се утврди со регистарот за дивоградби, кои се спремни за рушење уште денес. Проблемот е и урбанистички и социјален, а има и бизнис аспекти. Меѓутоа, мое мислење е дека општествениот интерес треба да биде на прво место, интересот на Охрид. Јас не сум за репресивни мерки или за рушење, но мора да се воспостави еден систем на функционирање и да се воспостави процедура на носење одлуки во однос на тој процес кој е неминовен. Колку и да е непопуларен, во соработка со државните институции ќе пристапиме кон запознавање со секој еден случај кој би бил предмет на таков процес, а потоа извршувањето мора да биде неселективно и никој нема да биде поштеден. Секој кој го кршел законот, бил пријавен и била покрената постапка, тешко дека ќе се спаси, кој сака и да биде, рече Георгиески.

Во однос на забелешката дека не е воспоставен мораториум на трансформација на крајбрежјето, односно мораториум на градба на крајбрежјето, градоначалникот објасни дека се разгледуваат можностите како таа одлука да биде правно издржана и донесена.

  • Ние немаме законска основа на која што ќе се повикаме и ќе прогласиме мораториум за градба. Допрва треба да седнеме и видиме како тоа да го изведеме. Не е нешто што ќе се прави според желба на некого, вели градоначалникот.

Георгиески се осврна и на забелешката околу недонесените детални урбанистички планови за 19 комплекси во старото градско јадро.

  • Овде имаме проблем во однос на овие планови поради тоа што има неусогласување на тие комплекси со ГУП-от. Според авионското снимање кое е направено, голем дел од тие парцели навлегуваат во улица, дел во приватен имот. Завод и музеј треба накнадно да ги утврди границите на тие комплекси за да можеме ние да пристапиме кон изработка на истите, информира градоначалникот.

Потсети дека во извештајот се содржани и низа постапки кои веќе се преземени, а биле предочени од страна на комисијат ана УНЕСКО, како и дека на дел интензивно се работи.

Плановите и намерите на локалната самоуправа во насока на отстранување на забелешките наведени во извештајот на УНЕСКО, градоначалникот најверојатно лично ќе ги презентира на 43-та сесија на Комитетот за културно наследство што ќе се одржи наредниот месец во Баку.

Т.К.