На денешната седница Советот на Општина Охрид со 14 гласа „За“ ја прифати Предлог – Одлуката за долгорочно задолжување на Општина Охрид, со цел нејзино раздолжување и враќање на финансиската стабилност.

Денес донесовме важна одлука со која ќе го финишираме процесот раздолжување на Општината, во согласнот со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, истакна градоначалникот Георгиески на прес конференцијата што се одржа непосредно по усвојувањето на одлуката.

Со посветена и напорна работа за само две години успеавме да го намалиме деценискиот долг на општината, за повеќе од една милијарда денари. По денешната одлука за задолжување, започнуваме постапка преку која општината ќе го исплати преостанатиот дел од сумата што е евидентирана како неисплатен долг и од која, врз основа на извршни решенија секојдневно се генерираат нови обврски за подмирување, со астронoмски камати. Со оваа постапка ќе овозможиме одблокирање на сметката на општината, која е блокирана околу 16 години. За сите чекори кои ќе следат во понатамошниот процес, јавноста, како и до сега, ќе биде целосно и навремено информирана. – истакна Георгиески.

Против долгорочно задолжување на општината гласаа советниците на коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ, според која спорно е што оваа одлука се носи непосредно пред избори.

Слично беше и пред последните вонредни локални избори кога беа потрошени дури 9 милиони евра народни пари за истата цел. Загрижува и фактот  наведен во Физибилити студијата дека со близу 300 милиони денари општината ќе се раздолжи и ќе ја одблокира сметката, не се совпаѓа со она што го кажале на јавната расправа, а тоа е дека долгот е 470 милиони денари – истакна вчера на прес- конференција портпаролот на ОК ВМРО- ДПМНЕ , Перчо Божиновски.

Градоначалникот Георгиески, пак, вели дека е изненаден и разочаран од однесувањето на советниците на опозициската ВМРО ДПМНЕ, кои, како што рече, повторно не покажаа политичка волја, капацитет и желба да бидат дел oд овој историски момент, кој значително ќе придонесе за подобро финансиско менаџирање на општината, ќе овозможи поголем развој на градот и подобри услови за нашите сограѓани.

Советниците кои не гласаа за Предлог одлуката за долгорочно задолжување на општина Охрид во насока на враќање на финансиската стабилност, финиширање на процесот на раздолжување и одблокирање на сметката, покажаа дека се засегнати само за своите лични и политички интереси и дека не им е грижа ниту за градот, ниту за охриѓани. Покажаа дека не сакаат нови инвестиции во градот, кои локалната самоуправа ќе може да ги финансира самостојно и врз основа на здрав буџет. Покажаа дека не сакаат нови училишта, нови градинки, ниту нови инфраструктурни и капитални проекти кои се од непроценливо значење за развојот на Охрид, како културен и туристички центар. – рече Георгиески.

Георгиески ставот на опозцијата го нарече „незрела политичка одлука“,која не е интерес на граѓаните и обвини дека ВМРО ДПМНЕ преку партиски прес конференции, неосновани соопштенија и фејсбук кампањи, лаги, лични навреди и говор на омраза, секојдневно се обидува да го наруши неговиот углед и да го уништат имиџот на општината.

Жал ми е, што ВМРО ДПМНЕ не успеа да излезе од старата матрица за креирање на штетни политики, дека продолжи да тоне во сопствените лаги и остана партија која единствено знае да работи против интересите на граѓаните. Голема штета е што не сме на исто ниво во мислењата и визиите за идниот развој на Охрид и тоа што не можеме да имаме демократска и достоинствена дебата. Со денешната одлука да не гласаат, тие покажаа дека немаат елементарни познавања за состојбите, немаат капацитет да ги разберат важните предизвици и немаат храброст да изнаоѓаат трајни решенија. – додаде Георгиески.

Меѓусебните обвинувања на локалната власт и опозицијата, се интензивираат во пресрет на локалните избори, кои ќе се одржат оваа есен, и станува се поочигледно дека претстои жестока политичка битка во Охрид која започна месеци пред официјалниот старт на кампањата.

Г.М.