Заменик градоначалникот, Константин Георгиески, денес на прес конференција даде објаснување околу одлуката на Советот за ребаланс на буџетот и пренамена на средства во одредени ставки. Обраќањето на Георгиески го објавуваме интегрално.

Георгиески потенцира дека со ребалансот на буџетот се променети износите на средства  во одредени ставки, со цел нивна во други  ставки за развој на одредени општествени сфери, по барање на граѓаните.

  • Наводите дека со ребалансот на буџетот се скратени 10 милиони денари  во делот на инфраструктурата и комуналните зафати, апсолутно не е точно. Во одредени сегменти се намалуваат износите на средствата, но затоа се зголемуваат за приоритетни и важни проекти за Охрид. Така за 12 милиони денари се зголемени средствата за асфалтирање улици, за 10 милиони денари се зголемени средствата за изградба или реконструкција на потпорни ѕидови. Голем дел од средствата се  предвидоа за  реконструкција и асфалтирање  на улиците „Егејска“, „Македонски просветители“ како и за довршување на патеката која води до некогашниот хотел „Парк“, рече Георгиески.

Заменик градоначалникот додаде дека затоа што многу помали се барањата  и потребите на Охриѓани за нови водоводни линии, со ребалансот на буџетот се пренамениле средствата за фекална канализација за 4 милиони денари и за водоводни линии за 6 милиони денари, поради тоа што за истите не се изготвени проекти и не може да се изведат средствата од 10 милиони денари, планирани за нив, се пренаменети во програмата за уредување на градежно земјиште.

  • Со промената на средствата за водовод и канализација воопшто нема да се намали квалитетот на услугите кон граѓаните. Во програмата за уредување  на градежно земјиште се додаваат 34 милиони денари од кои 12 милиони денари се за асфалтирање на тесни улички , 3 милиони денари  за изградба на потпорни ѕидови, 2 милиони денари за изработка на проекти, каде исто така се предвидени 4 милиони денари остварени како заштеда по тендери од планираните средства за изработка на проекти, значи вкупно дополнителни 6 милиони денари за изработка на проекти. Па така 7 милиони денари се планирани за  реконструкција  на улица „Македонија“, улица  „Егејска“ и кружен тек кај општата Болница. Останатите средства се за експропријација на земјиште, рече Георгиески.

Георгиески информира дека за плаќање по судски решенија, од почетокот на мандатот на градоначалникот Јован Стојаноски, исплатени биле повеќе од 80 милиони денари од стари долгови плус 13 милиони денари по кредит од Светска банка.

OhridNews