Од општинскиот буџет се кратат средства предвидени за водоводни и фекални мрежи и детска заштита за сметка на враќање на долгови, обвинија советниците од опозицијата на денешната седница на советот на која меѓу другото, се расправаше и за ребалансот на буџетот. Според координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков,  актуелната локална власт нема идеја во која насока треба да се движи развојот на градот.

  • Нема оправданост за ребаланс на буџетот. На најобемниот буџет и на веќе исплатени од Владата 8 милиони евра на сметката за раздолжување ние да даваме дополнителни средства, а притоа кратиме од капитални инвестиции, кој е тој развој на општина. Како промена има намалување на ставки во програмата за водоснабнување, за детска заштита, за образование. Во Охрид секаде не е решен проблемот со водоснабдување, а таму се кратат средства. Има места кои по традиција имаат проблем со водоснабдувањето, особено летно време. Во образованието се намалуваат 11 милиони денари, а 5.200.000 ќе се одземат од ставката за фекална канализација. Има кратење и во програмата за спорт, помалку средства има за чистење на речните корита, рече Пецаков.

Градоначалникот Константин Георгиески на обвинувањата одговори дека со релоцираните средства се враќаат стари долгови на општината, што е и најголема капитална инвестиција.

  • 4 милиони денари се исплата на сметки кон ЕВН со преземање на водоводот од село Лакочереј кој се влечеше години наназад, уредување на градежно земјиште има нови 28 милиони денари предвидени ставки за исплата кои се во однос на спогодба за раздолжување на општината. Не станува збор за никакво фаворизирање или полнење џебови како што обвинуваа, туку според одлуки на советот и листата која е изработена. Релокација на околу 4 милиони денари за субвенции кон Виз Ер кои не се исплатени за 2016 година. Кратење имаме во областа на образованието и останавме со средства кои се за готови проекти за да можеме да ги распишуваме тендерите во летниот период. До крај на неделата се распишуваат тендери за реконструкција на крововите на четири училишта, информира градоначалникот.

Советот на општина Охрид на денешната седница усвои повеќе предложени одлуки, а седницата поради немање услови за работа, беше прекината и останаа уште две точки од дневниот ред. Предложената одлука за одобрување на финансиска поддршка за реализација на проектот „Охридско Езеро – безбедна дестинација за авантуристички туризам“ , беше повлечена со образложение дека треба да се дополни.

Меѓу другото, советниците ги усвоија одлуките за измени на програмите  за поттикнување на развојот на туризмот на општина Охрид за 2019 година, за активностите на општина Охрид во областа на образованието, за измени на  програмите, за разрешување и именување членови н аодбори во неколку јавни претпријатија.