Со финансиска помош на Владата, сопствени средства и средства на меѓународни институции, во моментов во градот се реализираат два големи инфраструктурни проекти, од извонредно значење за жителите на општината, вели градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески. Тој истакна дека долги години во Охрид не се изведувале вакви крупни капитални проекти, кои значително ќе го подобрат животот на населението.

Едниот е источниот влез во градот на улицата „15 Корпус“ за чија реконструкција Агенцијата за патишта издвои 28 милиони денари за коловозот, додека изградбата на тротоарите, осветлувањето и другата пропратна инфраструктура ги финансира локалната самоуправа со 30 милиони денари. Овој проект буквално го менува ликот на градот. Охрид добива нов влез, долг 2 километри, што ќе придонесе и за развој на туризмот, а ќе го подобри и животот на граѓаните. – рече во изјава за медиумите градоначалникот Георгиески.

Вториот капитален проект кој се реализира во моментов е реконструкцијата на улицата „Абас Емин“ која се врши со средства од ЕБОР во висина од 22 милиони денари, а дополнителни 25 милиони денари инвестира општината, истакна Георгиески. Рокот за завршување е 13 месеци.

Георгиески истакна дека Владата активно го помага Охрид, посочувајќи дека централната власт изминатите три години во општината инвестирала над 1 милијарда денари.

Во процесот на раздлолжување добивме 495 милиони денари, за реконструкција на колекторот 246 милиони денари, 400 милиони денари за заостанати долгови кон ЕВН, а за реконструкција на „Туристичка“ 37 милиои денари. – истакна Георгиески.

Градоначалникот рече дека општината заедно со владата ќе продолжи да работи на реализација на капитални проекти во градот, најавувајќи дека во наредниот период со помош на Агенцијата за млади и спорт ќе биде поставено игралиште за баскет вредно 3,5 милиони денари.

OhridNews