Христијанската демократска унија на германската канцеларка Ангела Меркел (ЦДУ) и Социјалдемократската партија (СПД) на Мартин Шулц постигнаа договор за коалиција.
Како што соопштија германските медиуми, во Берлин веќе се разговора како ќе бидат распределени министерските места, а се навестува дека социјалдемократите ќе го добијат ресорот за надворешни работи. Партиите ЦДУ, ЦСУ и СПД се согласија за тоа како ќе изгледа коалициониот договор со што е отворен патот кон формирање широка коалиција која ќе биде трета последователна, а четврта во историјата на Германија.

Договорот за коалиција сега мора да биде одобрен од страна на членовите на СПД, околу 450.000, на внатрепартиски референдум, кој според германските медиуми, најверојатно, ќе се одржи за три недели.

„Ројтерс“ објави дека СПД на социјалните мрежи објавила фотографија од лидерот Мартин Шулц и другите членови на делегацијата по крајот на разговорите за коалиција, која е проследена со коментар: „Уморни, но среќни. На крајот имаме договор. Сега ќе се посветиме на конечните детали на текстот“.

Според информациите на британската агенција, на социјалдемократите ќе им припаднат министерствата за финансии, надворешни работи, правда, семејство, животна средина и труд.

Преговорите требаше да бидат завршени во неделата, но тие мораа да бидат продолжени до утрово поради некои спорни прашања. Меѓу нив биле работните договори и здравственото осигурување, а според извештаите од Берлин овие теми засега се делумно решени.