Германката Хајке Шрек, која длабоко чекори во деветата деценија од животот веќе 27 години  доаѓа на одмор на брегот на Охридското Езеро. Во езерото се заљубила на прв поглед и оттогаш е редовен гостин во хотелот „Бисер“ крај Струга.


Хајке Шрек

„Тука сум како дома“, ни изјави на чист македонски јазик, виталната старица. Вели дека толку ја засакала македонската храна, што не може без неа. Со персоналот од хотелот пријателува без малку 3 децении и вели дека една од причините што редовно доаѓа тука е љубезниот однос и гостопримството. „Луѓето тука топло ме прифатија“, вели 84-годишната пензионерка од Фленсбург.

Хајке Шрек порано работела како секретар на редакција во дневен весник, од Фленсбург, кој  објавил и сторија за Охридското Езеро и туристичките потенцијали на Охрид и Струга. Иако е во длабока старост, таа е полна со енергија и вели дека и натаму ќе патува низ светот, а се разбира ќе навраќа на своето омилено место – Охридското Езеро.

Г. Момироски