Градоначалникот Александар Петрески утринава ја прими Амбасадорката на СР Германија во Македонија, Н.Е. Улрике Марија Кноц, која престојува во работна посета на Охрид.


На средбата се разговараше за повеќе прашања, меѓу кои: состојбите во Охрид, неговите развојни планови, економските состојби и перспективи, можностите за привлекување германски фирми и инвеститори, како и проблемите на општината кои произлегуваат од процесот на децентрализација во Македонија.



Градоначалникот Петрески ја информираше Н.Е. за можностите на Охрид, во туристичката сфера и во областа на урбанистичкиот и економски потенцијал. Нејзината Екселенција, Амбасадорката Кноц, во разговорите и изјавата за медиумите го истакна интересот на Амбасадата на Германија за Охрид, како приоритетно прашање од аспект на неговите туристички, економски и други потенцијали.


Според Амбасадорката Кноц, еден од големите проблеми не само за Охрид,туку и за развојот на демократијата  во Македонија, е застојот во децентрализацијата на власта бидејки тоа значи застој и во можностите за побрз развој на општините. Тоа е еден од големите испити за Македонија, истакна Амбасадорката Кноц, и потенцира дека интерес на Амбасадата е да го поврзе Охрид со германските компании и инвеститори.

Ohridnews