Софискиот суд до средината на 2015 година ќе треба да одлучи дали Германскиот регистар на бродови „Лојд“, ќе плати отштета на семејствата на 15-те бугарски туристи кои пред 5 години загинаа во несреќата на бродот „Илинден“ во Охридското Езеро.

Адвокатот Мартин Петров од Скопје, кој е застапник на семејствата на загинатите бугарски туристи во телефонски раговор не информираше дека отштетното побарување за сите 15 семејства изнесува околу 3 милиони евра.

-Судската  постапка пред Софискиот суд е покрената во 2012 година и сеуште е во тек, а истата се очекува да заврши до средината на идната година. До сега се  имаат одржано две рочишта, на кои јас се јавувам како полномошник на оштетените заедно со уште еден колега, адвокат од Софија. Оштетното побарување е насочено кон „Лојд“ бидејќи овој бродски регистар, во времето кога се случи бродската несреќа, беше овластен да ги врши техничките прегледи на бродовите кои пловат во македонските води, појаснува Петров.

Тој нагласи дека во судската постапка за обесштетување на семејствата на загинатите не е опфатена Република Македонија и не се бара никакво обесштетување од македонските власти, бидејќи истите се огласиле дека немаат одговорност.

Инаку осигурителната компанија, каде што загинатите бугарски туристи имале патничко осигурување, до сега исплатила 4.500 евра по семејство или околу 70.000 евра за сите 15 семејства на загинатите.

Несреќата беше опомена за надлежните

Потонувањето на бродот „Илинден“ буквално ги разбуди надлежните за пловидба кои презедоа низа мерки за подобрување на безбедноста на пловидбата по Охридското Езеро. Оваа бродска несреќа беше и предупредување за сопствениците на пловни објекти кои се обврзани да вршат редовни технички прегледи.

-По оваа несреќа секој што управува со чамец, со брод и друг пловен објекти, почна да се размислува малку побудно и почна да се работи малку повеќе на безбедноста и почитувањето на сите оние принципи кои обезбедуваат примерна и безбедна пловидба. Тоа подразбира механизмите на пловните објекти да бидат во исправна состојба, опремата да биде секогаш достапна и да биде во определен број застапена на самиот брод или чамец. Нашите служби постојано се присутни на терен, посебно во летниот период и дејстваат многу проактивно. Се врши секојдневна контрола, укажување и советување. Само така може да се дојде до успех и да се зголеми нивото на безбедност, вели Горан Устијаноски, капетан на Капетанијата на пристаништата во Охрид.

Тој потенцира дека сите бродови кои во моментов пловат по водите на Охридското Езеро се безбедни и во исправна состојба.

-Во моментов имаме валиден договор за вршење на техничките прегледи со „Биро Веритас“ кој навремено и во рамките на зацртаните рокови ги извршува техничките прегледи на бродовите. За оваа година беа направени технички прегледни на сите бродови. Следната година оние бродови кои што имаат доспеани рокови за технички прегелед ќе дојдат на ред, така што тука нема никакви задршки и никакви одложувања и сето тоа е во планираните рокови, нагласува Устијаноски.

Како се случи?

Бродската трагедија на „Илинден“ се случи на 5-ти септември 2009 година, во 10.30 часот. Тогаш бродот заедно со 57 патници пловеше од Охрид за Свети Наум. Иако времето беше поволно, бродот „Илинден“ се преврте и потона на околу 300 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“.

Капетанот на бродот, младиот Сотир Филески, беше приведен веднаш по несреќата, а истражен судија му одреди притвор. Судски епилог имаше по скоро две години и тоа во 2011 година кога Филевски доби една година затвор. Осуден беше и овластениот претставник на германската осигурителна компанија „Лојд“ Бранко Баиќ, поради несовесно вршење на проверката за техничката исправност на бродот „Илинден“.

Е.М