Охридскиот фудбалски клуб е еден од клубовите кој најмногу профитираше од прекинатата сезона во Втората македонска фудбалска лига. Управниот одбор на вондредната седница одлучи да нема испаѓање од двете Втори лиги, а моменталните лидери да се преселат еден ранг погоре односно во Првата лига. Пелистер од западната конференција и Беласица од источната ќе играат во Првата МФЛ, додека Охрид заедно со конкурентите за опстанок и следната година ќе играат во Втората МФЛ.

Од Градскиот фудбалскиот клуб Охрид упатија благодарност од УО и ФФМ за одлуката и за целото залагање во екот на пандемијата на вирусот Ковид -19.

Сакаме да упатиме голема благодарност до УО и ФФМ за одлуката и за сериозниот пристап кој беше наметнат од самиот почеток на пандемијата од вирусот Ковид -19. Нам како клуб ова ќе ни биде втора шанса да се покажеме во вистинско светло. Во дебитанската сезона го плативме цехот на неискуството, но подучени и со нови мотиви ќе ги исправиме сите наши грешки и сите успеси ќе ги избориме на теренот. Исто така сакаме да им го честиме пласманот на Пелистер и Беласица во Првата лига и им посакуваме многу успеси.

На крај, сакаме да упатиме голема благодарност до охридската публика и јавност, навивачката група „Рибари“, фудбалерите и стручниот штаб и спонзорите, без кои клубот немаше да припаѓа на второлигашкото друштво. – се вели во соопштението од ГФК Охрид.

OhridNews

 

Охрид и следната сезона во Втора лига, Пелистер и Беласица нови членови на елитата