„Донесените одлуки на Синодот за промени на Уставот на црквата си остануваат со својата важност, но тие ќе бидат внесени во животот на црквата тогаш кога членовите на Синодот и Соборот ќе решат тоа да биде“, изјави за Ohridnews,  поглаварот на МПЦ, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Вчера на работното заседание на Соборот во струшко Калишта, на барање на владиката Тимотеј, од дневен ред беше повлечена точката за измени на Уставот на црквата, меѓу кои како што беше најавено, се и додавката на името Охридска архиепископија на името на Македонската православна црква и промената на грбот на црквата.

Архиепископот Стефан смета дека во Синодот на МПЦ, нема неединство и дека тоа премногу било нагласено од некои медиуми. „ Потребното единство го има во Светиот архиерејски Синод на МПЦ, што се потврди  и на Соборот во Калишта на кој присуствуваа делегати од сите епархии, како од земјава, така и од дијаспората“, рече г.г. Стефан.

Г. Момироски