„Нашата порака е дека ќе издржиме на патот што сме го избрале и кога тогаш Македонската православна црква-МПЦ, ќе биде призната од другите православни цркви, а ние веруваме, посакуваме и се надеваме дека тоа ќе биде во блиска иднина“.

Оваа порака ја испрати ариепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан од свечената богослужба што по повод 40 годишнината од возобновувањето на автокефалноста на МПЦ се одржа вчера во храмот на охридските архиепископи Света Софија.

Ние, додаде архиепископот Стефан, не направивме ништо ново од она што другите цркви го направија и не избравме друга постапка од таа што ја направија скоро сите православни цркви одвојувајќи се од некоја црква.

Како ретко досега јубилејот на МПЦ на едно место го собра  комплетниот државен врв. На свечената академија што се одржа во саботата во Света Софија присуствуваа претседателот на државата Црвенковски, премиерот Груевски и претседателот на Собранието Георгиевски.„МПЦ е народна црква која подеднакво и на оние кои се на власт и на обичниот народ. Со доаѓањето на државното раководство се потврдува почитта и односот кон МПЦ, зошто овој јубилеј е јубилеј за македонската држава и за македонскиот народ“, рече г.г. Стефан.


јубилејот на МПЦ го собра комплетниот државен врв

Со светата богослужба на која присуствуваа сите членови на Светиот архиерејски Синод на МПЦ, се заокружуваат чествувањата по повод 40-годишнината од  возобновувањето на автокефалноста на Македонската православна црква на темелите на Охридската архиепископија, што се случи на 17 јули 1967 година-200 години по присилното укинување на автокефалноста од страна на турските власти.

Г. Момироски