За случувањата околу македонските црковни општини во Австралија, г.г. Стефан нагласува дека Комисијата на Светиот архиерејски синод разговарала и со условно двете страни во спорот и ги слушнала нивните аргументи.
– На крајот се одлучи, според долгогодишната состојба на теренот, ако може така да се рече, да им се даде можност и на двете групи непречено да функционираат: едната под раководство на досегашниот администратор, а втората под надлежност на Синодот, а ќе ги координира митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. На крајот, најважно е каков заеднички став сме изградиле како Синод, а не како кој лично размислувал, предлагал или изјавувал, додава г.г.Стефан.
Тој посочува дека 45-годишнината што ја одбележале во 2012 година е доказ дека одлуката, како што вели, на нашите богољубиви и родољубиви предци била и е одлука на срцето и духот дека тој чин на возобновувањето на автокефалноста на древната Охридска архиепископија во лицето на МПЦ во 1967 година, по 200 години од нејзиното неканонско укинување, не бил ниту политички ниту националистички, туку бил чисто духовен чин, кој ја изразувал потребата, но и желбата на православниот народ да го обнови автентичниот простор на своето спасение.
МИА