Фудбалерот на Вест Бромвич Албион, Герет Бери е новиот рекордер по бројот на настапи во Премиер лигата. Искусниот фудбалер на мечот помеѓу Арсенал – ВБА го запиша 633-от натпревар во англиската елита и го потисна од врвот Рајан Гигс кој имаше 632 мечеви во дресот на Манчестер Јунајтед.

– Благодарам на сите за честитките. Пресреќен сум поради рекордот, но сакав барем бод да освоиме на дуелот со Арсенал. Сепак, овој натпревар ќе го памтам до крајот на животот, бидејќи преголема е бројката да се одиграат толку мечеви во Премиер лигата. Тајни нема, има само работа и желба за играње која е истата како на почетокот од мојата кариера. – изјави Бери. 

Новиот крал во Премиер лигата по повод рекордот доби дрес од Арсенал со бројките 633 потпишан од сите фудбалери кои беа дел од протоколот.

36-годишниот Бери кариерата ја започна Брајтон, а своја афирмација во добар фудбалер имаше во Астон Вила. Од „Вила Парк“ се пресели на Етихад каде освои титула во Премиер лигата. Потоа четири сезони беше дел од Евертон, а сезонава е неизоставен дел од екипата на ВБА.

OhridNews