Фудбалската легенда на Олд Трафорд, Рајан Гигс од мечот со Норвич во Премиер лигата ќе ја започне менаџерската мисија на клупата од Манчестер Јунајтед. Велшанецот беше прв избор по отказот на Дејвид Мојс, кој не издржа ниту една сезона на клупата од „црвените ѓаволи“. Асистенти на Гигс ќе бидат поранешните соиграчи Пол Сколс, Ники Бат и Фил Невил.

– Јас сум горд, среќен, но и малку нервозен, исто како кога играм. Со нетрпение го очекувам натпреварот. Првиот телефонски повик беше до Сколс, знам колку им значи клубот на овие момци. Сакам да победиме во сите четирите натпревари, сметам дека е доста важно да има европски фудбал на „Олд Трафорд“ – рече на првата официјална пресконференција Гигс.

Тој иако не е долгорочно решение на позиција менаџер сепак сака да остави победнички белег на Олд Трафорд.

– Филозофијата на Манчестер Јунајтед е да напаѓа, имаме одлични играчи кои што се победници. Сер Алекс беше еден од првите кои ми телефонираше, побарав совет од него, што да очекувам во натпреварите. Норвич се бори за опстанок во лигата, нема да ги потцениме. Ние сме Јунајтед, играме дома и очекувам да победиме, сакам домашните фанови да добијат нешто за што може подоцна да зборуваат. Имам целосна подршка од персоналот и од фановите, благодарен сум за тоа – додаде Гигс.

Од составот поради повреди отпаднаа Робин ван Перси и бразилскиот интернационалец Рафаел.

Мх.П.