Ракометарите на Охрид го освоија целиот плен во „Езерското“ дерби победувајќи ја екипата на Струга со 26-23 (13-13) во шестата рунда од Супер лигата во преполната спортска сала „Билјанини Извори“.

Почетокот од дербито им припадна на стружани, кои, најпрво поведоа со 2-0 и 3-1, а потоа и со три погодоци 6-3. Охриѓани се консолидираа ја стабилизираа играта и со серија од 4-1 стигнаа до егалл 7-7.

Стружани не потклекнаа пред притисокот и возвратија со иста мера за водство 11-8. Но, „гладијаторите“ носени од публиката повторно најдоа мотиви и се вратија резултатски во игра 11-11. До крајот на првиот дел двете екипи постигна по два голови и на одмор заминаа со исти бројки на семафорот 13-13.

Во играта гол за гол никој од тимовите во дерби средбата не се одлепи во првите десет минути од второто полувреме (16-16).

Од 40-та до 50-та минута резултатската клачкалка продолжи, но охридските ракометари се соочија со голем хендипек откако, останаа без Иван Тасески и Дарко Георгиевски кои добија црвени картони поради три исклучувања.

И покрај недостатокот на Тасески и Георгиески во последните десет минути домашните ракометари влегоа со предност два погодоци (22-20), стружани нападнаа, но охридското гладијаторско срце издржа и не го испушти водството за сино бела ерупција во „Билјанини Извори“.

Со триумфот во дербито Охрид се зацврсти на втората позиција на табелата и најавија пласман во плејофот.

Во листата на стрелци во тимот на Охрид се истакнаа Бобан Блажески и Георгиески кои постигнаа по шест голови, четири реализираше Златко Везенковски, а  три застана капитенот Крсте Андоноски, додека клучна улога во триумфот одигра голманското дуо Мартин Јованоски и Јагош Брауновиќ кои му дадоа ветар во грб на своите ракометари. Кај стружани осум реализираше Дарио Петрески, а шест постигна Цветан Кузманоски, а свој ден имаше и поранешниот голман на Охрид, Александар Стојаноски.

Мх.П.
Фото: Емилио и Мега Продукција