Охридскиот ракометен клуб кој сезонава за прв пат во својата клупска историја ќе „излезе“ во Европа со „загревачки“ тренинг ги започна подоготвките. На стартот на подготвките се појавија „грото“ ракометари кои и минатата сезона го понесоа товарот во Супер лигата и разигрувањето.

– Со стариот костур на екипата, но со неколку нови имиња ги започнуваме подготовките за новата сезона, во која не очекуваат неколку нови предизвици. Најдраго ние што ќе имаме можност да се натпреваруваме во Купот на ЕХФ, што ни преставува награда за историските успеси од минатата сезона. Исто така за прв ќе учествуваме и на меѓународниот турнир во Струга, кој ќе ни биде генарална проба за двомечот со Крас Волендам. – изјави спортскиот директор Ѓоко Апостолов.

Нови имиња во клубот се хрватскиот пикер Милан Клаиќ и Босанецот Дервиш Бирдахиќ. Охриѓанецот Иван Тасески кој лани го носеше дресот на Пелистер тренира со екипата, но се уште не е официјализирана неговата промоција. На првата прозивка од минатата сезона ги немаше Дарко Јанев, Аце Трифуноски, Валентино Белевски и Слободан Новаковиќ како и Александар Босеоски. 

– Во летниот преоден рок доведовме двајца ракометари од странство, но се уште го немаме завршено купувањето, односно засилувањето на екипата. Ни фалат уште две крила, но не мора да ги носиме по секоја цена, бидејќи од првиот тренинг ги приклучивме младите сили кои ги имаме во нашата база. Токму и тоа ни е целта, екипата да ја предводат ракометари од Охрид без разлика каков ќе биде исходот на табелата на крајот од сезоната. За сега сме на добар пат и полека, полека ги приклучуваме младинците во првата екипа. Од годинава покрај екипи во двете младински категории ќе имаме свој преставник и во лигата на петлиња. – додаде Апостолов.

Во текот на подготовките „гладијаторите“ ќе одиграат и неколку контролни натпревари кои допрва ќе бидат договорени.

OhridNews